Илјадници демонстранти, поддржувачи на опозицијата, вчера ја опколија зградата на Парламентот во Тирана, барајќи оставка на Владата и распишување предвремени парламентарни избори.
Тирана од вчераутро практично беше под полициска опсада, поради закажаната парламентарна седница и опозицискиот протест, а мнозинството пратеници почнаа да доаѓаат во Собранието еден час пред почетокот на седницата, за да избегнат средба со демонстрантите.
Медиумите известуваат дека граѓаните не смеат слободно да се движат низ улиците на албанскиот главен град.
Силни полициски сили ги блокираа пешаците и минувачите меѓу Уметничката галерија и Министерството за внатрешни работи.
Албански медиуми информираат дека секој што сака да мине низ „забранетата зона“ мора на полицијата да ѝ покаже документ за лична идентификација.
Исто така се наведува дека полицијата не дозволува медиумите да влезат во зградата на Парламентот, за да не можат да се сретнат со членовите на владејачката Социјалистичка партија.