Венецуелскиот претседател Николас Мадуро предложи одржување вонредни парламентарни избори за Националното собрание, чиј исход може опозицискиот лидер Хуан Гуаидо да го симне од функцијата претседател на парламентот. Од друга страна, Гуаидо повторно ја повика армијата да му откаже лојалност на претседателот Мадуро.
Гуаидо порача дека своето опозициско движење нема да го тргне од улица сѐ додека Мадуро не престане да ја „узурпира претседателска функција“ и не се согласи со организирање нови претседателски избори под надзор на меѓународни набљудувачи.
Гуаидо (35) повика армиските делови да му го свртат грбот на Мадуро и да застанат на страната на народот на Венецуела.
– Не само што сакаме да престанете да пукате во демонстрантите туку сакаме да бидете дел од обновата на Венецуела – порача Гуаидо.
Претходно, Мадуро им се обрати на своите приврзаници нагласувајќи дека тој е единствен претседател на Венецуела и предложи одржување нови избори за Националното собрание, каде што мнозинство сега има опозицијата.
Собирите на приврзаниците на Мадуро и на Гуаидо се одржуваат во момент на растечки несогласувања во редовите на моќната армија на Венецуела.
Претходно венецуелски генерал во воздухопловните сили му откажа послушност на Мадуро, кого го нарече „диктатор“ и ги повика сонародниците на протести против него.