Министерката за правда Рената Дескоска се сретна со директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман и заменик-директорот на Агенцијата, Џелал Хоџиќ, кои до Министерството за правда го доставија Предлог-законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од вкупното население во Република Македонија, информира МИА.
Од Министерството за правда соопштија дека измените и дополнувањатa на овој закон се во насока на поголемо афирмирање на концептот „Едно општество за сите“.
– Секој граѓанин е важен, па во таа насока е и унапредувањето и заштитата на правата на сите немнозински заедници во Република Македонија. Овој Предлог-закон кој беше подготвен од страна на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците наскоро ќе биде објавен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) – посочуваат од Министерството.
Како што информираа од АОПЗ, главна цел на овие измени и дополнувања на законот е да се подобри состојбата со имплементација на правата на заедниците, да се олесни следењето на степенот на нивното остварување и да се обезбеди надзор над реализација на овие права од страна на институциите на централно и локално ниво.
Директорот на АОПЗ, Рахман истакна дека предлог-законот е подготвен од страна на инклузивна работна група формирана од страна на Агенцијата за унапредување на правата и дека наскоро и јавноста ќе може да ги достави своите коментари и предлози за подобрување, откако текстот ќе биде објавен на ЕНЕР.
– При изготвување на предлог измени и дополнувања на Агенцијата за остварување на правата на заедниците доби поддршка од страна на Европската Комисија преку инструментот ТАИЕКС, како и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје – стои во соопштението од Министерството за правда.