Катар, домаќинот на Светското првенство (СП) во 2022 година во фудбал, ќе игра денеска против Јапонија во финалето на Купот на Азија (Абу Даби, 15 часот). Во полуфиналните дуели Катарците беа подобри од Обединетите Арапски Емирати (ОАР, 2-1), а Јапонците го елиминираа Иран (3-0). Ова ќе биде прв меѓусебен натпревар меѓу овие две селекции во 63-годишната историја на ова натпреварување. Јапонија е најтрофејна во ова натпреварување, со четирите титули првак на Азија (1992, 2000, 2004 и 2011). Нивниот селектор Хаиме Моријасу беше дел од селекцијата што во 1992-та ја освои првата шампионска титула, а доколку неговиот тим стигне до петтиот трофеј, тој ќе биде првиот играч и селектор победник во Купот на Азија. На клупата на Катар во улога на селектор е Феликс Санчез, поранешен тренер на младите селекции во Барселона, кој има шанса да биде првиот Шпанец освојувач на овој куп.
Фудбалскиот подем на Катар почна кога шеикот Хамад го наследи својот татко, шеикот Калифа, во 1995 година. Потоа со утврдената стратегија се отвораа фудбалски академии и значително се подобрија квалитетите на играчите родени во Катар.
Оттаму, на пласманот во финалето (без пораз и без примен гол) не треба да се гледа како на нешто сензационално. Дел од таа стратегија за унапредување на фудбалот беше и ангажирањето на легендата на Барселона и на шпанскиот фудбал, Чави, во 2015 година. Тој игра за Ал Сад од Доха, но има задача и да го надгледува развојот на младите и талентирани фудбалери на Катар. Врската на Катар со Шпанија, со Барселона, постои од поодамна. Фондацијата Катар беше спонзор на дресовите на Барселона, а потоа ја наследи „Катар ервејз“ (од 2010 до лани). Слично на Чави, фудбалската кариера во Катар ја заврши и Пеп Гвардиола, кој потоа беше еден од поддржувачите на кампањата на Катар за добивање на организацијата на СП 2022.