Седумдесет и шестгодишната пливачка од Египет, Нагва Јусеф Гораб, веројатно требаше да освои многу повеќе медали досега, судејќи според нејзината посветеност кон спорот која го привлече вниманието на медиумите.
Таа првпат почнала да плива на четиригодишна возраст, а станала шампионка на нејзината земја во слободно и грбно пливање во категоријата до 16 години кога била на 14-годишна возраст, пренесува „Ројтерс“.
Но, таа морала да прекине со натпреварувањето на 18 години бидејќи Египет тогаш немал натпреварување за сениори. И покрај тоа, Гораб не престанала да тренира.
– Годините не се пречка доколку ја имате волјата и доколку сте позитивни во животот – изјави 76-годишната Гораб.
Сениорското натпреварување во Египет продолжило да се одржува во 2005 година, а таа за првпат стигнала до меѓународниот подиум десет години подоцна, освојувајќи два бронзени медали во Русија.
– Ова беше во мене 60 години и чекаше да излезе на површината. Сакав да напредувам на меѓународно ниво – вели Гораб за освоените медали.
Нејзиниот тренер Хејтам Сабри, кој ја тренира Гораб за првенството во Јужна Кореја, вели дека таа како да има дваесетгодишно срце.
– Таа цело време е посветена на тренирање, било да е топло или студено. Секој ден доаѓа да тренира. Не постои првенство на кое таа не би сакала да земе учество – вели Сабри.