Со поддршка за Преспанскиот договор истапија денеска околу 250 грчки интелектуалци и уметници, кои го ставија својот потпис на Инцијативата за Договорот од Преспа на луѓето од уметноста и културата.
-Со Договорот од Преспа се затвори рана, која беше отворена речиси три декади. Тоа е чесен договор и ветувачки компромис, со кој се заштитува иднината на граѓаните на двете земји, преку мир, солидарност и соработка, се нагласува во Иницијативата за поддршка, јави АНА-МПА, пренесува МИА.
-Сложеното име со географска одредница (Северна Македонија) за севкупна употреба и со ревизија на Уставот, целосно ја покрива грчката позиција и истовремено во пракса ја демонстрира волјата на соседната земја за мирна коегзистенција на граѓаните на двете држави, се вели во иницијативата.
Грчките интелектуалци нагласуваат дека живееме во време кога во Европа се случува подем на екстремната десница и национализмот.
-Договорот од Преспа е еден од малкуте светли точки во овој период низ Европа. И тој беше поздравен како таков. Поради тоа го поддржуваме, без разлика на нашите политички гледишта, се наведува во Иницијативата.
-Во нашето општество денес се случува конфликт што оди подалеку од тесното поле на политичките контроверзи, оди понатаму од сферата на нарушените социјални релации и задира во есенцијалното поле на културните реалции. Забележуваме дека некои луѓе сакаат Грција да ја вратат сто години наназад. Фобичниот, длабоко ретрограден и реакционерен наратив излезе од темните предели на историјата во однос на Преспанскиот договор, велат потпишаните интелектуалци и уметници.
Нагласуваат дека тие секојдневно се во дијалог со општеството преку уметноста, со песни, музика, поезија, театар, танц, пишување, размислување, кино, преку сите можни човечки начини на изразување, со цел „да допреме до луѓето кои се на тест од оваа криза на поделби во општеството кое боли и кое е болно“.
-Го обединуваме нашиот глас со гласот на нашите соседи кон националистите кои сакаат да не изолираат и кон реториката на омраза и испраќаме порака на пријателство и солидарност. Го обединуваме нашиот глас со милиони луѓе во светот кои се подготвени да ја бранат слободата, пријателството, демократијара и човечките вредности, нагласуваат потписниците на иницијативата.