Изборите во Северно Косово беа бојкотирани од страна на припадниците на српската заедница / Фото: ЕПА

На референдумот за смена на градоначалниците, кој го организираа властите во Приштина, во четирите општини на северот на Косово, претежно населен со Срби, од запишани 46.000 избирачи излегле само 203

Косово

На северот на Косово пропадна гласањето, или како што Приштина го нарекува референдумот. Тој се однесуваше за смена на градоначалниците на општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица. Имено, во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, се одржа гласање за разрешување на градоначалниците, како услов за распишување нови локални избори во тие општини, откако минатогодишните избори косовските Срби ги бојкотираа. И овој пат гласањето, односно референдумот, имаше иста судбина како и минатата година.
На гласањето излегоа само 203 граѓани од над 46 илјади регистрирани гласачи во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, со што референдумот се прогласи за неуспешен.
За да биде успешно гласањето, требаше да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполнеше овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржеа во законските рокови. Со оглед дека учествуваа помалку од 50 отсто, гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

УНМИК: Незадоволство од постигнатото во дијалогот

Советот за безбедност на ОН деновиве во Њујорк го разгледуваше шестмесечниот извештај на мисијата УНМИК во услови кога од Косово пристигнуваат вести на зголемување на тензијата на северот на земјата.
Во редовниот извештај, кој се однесува на периодот од 19 септември 2023 година до 15 март 2024 година, Гутереш наведува дека и покрај одреден напредок во спроведувањето на договорите постигнати со посредство на ЕУ, тензиите меѓу Белград и Приштина се зголемени, а дека безбедносната ситуација на северот на Косово останала кревка.
Истовремено, тој посочи дека нема напредок кон формирањето заедница на српските општини и покрај дипломатскиот притисок и изрази загриженост за спроведувањето на новите прописи за платните трансакции, кои, како што рече, се одразуваат на економските и социјалните права на Србите и другите немнозински заедници.
Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН и шефица на УНМИК, Каролине Зијаде, на седницата потенцираше дека една од клучните забелешки е „незадоволството од постигнатото во дијалогот“ и додаде дека тоа влијае на безбедносната состојба.
– Тензиите се зголемија во последните месеци – рече таа.
Шефицата на УНМИК рече дека никогаш не било поитно да има „целосно спроведување на договорите постигнати под покровителство на ЕУ со цел да се помогне во решавањето на серијата кризи што се случија“.
– Ова е најважното прашање за двете страни – посочи Зијаде.
Таа посочи дека едностраните потези само создаваат недоверба, без разлика од која страна доаѓаат.
Зијаде зборуваше и за изборите на северот на Косово, за кои рече дека не придонеле за намалување на тензиите, иако тоа била целта.

Вучиќ и Османи со меѓусебни обвинувања

На седницата на Советот за безбедност посветена на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската претседателка Вјоса Османи излегоа со спротивставени ставови и меѓусебни обвинувања. Османи обвини дека Белград „ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово“.
Таа изјави дека Србија ја „заплашува“ српската заедница на северот на Косово, а како пример го наведе неодамнешното апсење косовски полицајци во Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, на седницата се пожали дека меѓународната заедница посветува големо внимание на инцидентот во Бањска на Косово, но не и на нападите врз српското малцинство. Станува збор за инцидент од септември лани кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово при што беше убиен полициски наредник. Вучиќ посочи дека овој инцидент е „последица на репресијата“ во Косово.
Вучиќ рече и дека поминале 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, но оти заедница на општини со српско мнозинство во Косово сè уште не е формирана.
Основањето заедница на општините со мнозинско српско население беше договорено од Косово и Србија со Бриселскиот договор во 2013 година, но властите во Косово се двоумат дали да го спроведат договорот, стравувајќи дека овластувањата што би ги имала оваа заедница би можеле да влијаат на функционалноста на државата.
Вучиќ додаде дека и „укинувањето на динарот е етнички мотивирана кампања против Србите и неалбанците“ на Косово. Централната банка на Косово донесе одлука од 1 февруари еврото да биде единствена валута за плаќања и трансакции, што во пракса значи укинување на српскиот динар.
Поради оваа одлука, по барање на Србија, Косово беше тема на седница на Советот за безбедност на ОН одржана во февруари годинава.

Фрлена експлозивна направа, за среќа, нема настрадани

За сериозноста на ситуацијата во Косово зборува и информацијата дека под автомобилот на Стеван Славковиќ е фрлена експлозивна направа во Горњи Кормињан, општина Косовска Каменица. Српски медиуми пишуваат дека во експлозијата автомобилот е оштетен, но нема повредени. Славковиќ е директор на здравствениот, социјалниот и образовниот сектор во општината Косовска Каменица.
Овој инцидент се случил откако најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, по завршувањето на процесот на гласање за разрешување на градоначалниците во четирите општини во северно Косово, оцени дека гласањето претставувало фарса организирана од, како што се вели, „режимот на Албин Курти“. Х.И.


И официјално е изменето и дополнето поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија

Откако Советот на министри на ЕУ го одобри, сега и официјално е изменето и дополнето поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија. Поглавјето 35 од пристапните преговори меѓу Брисел и Белград се однесува на нормализација на односите со Косово. Во договорениот текст во поглавјето 35 се наведува дека унапредувањето на преговорите за пристапување на Србија во ЕУ ќе се раководи од напредокот на земјата во подготовките за пристапување.
Ова, како што се наведува, „ќе се мери особено во однос на континуираниот ангажман на Србија за видливо и одржливо подобрување на односите со Косово, како и другите барања содржани во точката 23 од рамката за преговори“.
Во текстот во кој Радио Слободна Европа имаше увид се нагласува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски што произлегуваат од Договорот за нормализација на патот меѓу Косово и Србија, според нејзиниот анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година.
– Сите дискусии поврзани со имплементацијата на договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ – се наведува во договорениот текст на измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка меѓу Брисел и Белград.
По повод формалното усвојување, портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека и Србија и Косово прифатиле нивните обврски што произлегуваат од Договорот на патот кон нормализацијата да станат составен дел од нивните евроинтегративни патишта.
Според него, имплементацискиот анекс склучен во Охрид во март 2023 година ја одразува и таа посветеност на двете страни.
– Го поздравуваме денешното усвојување од страна на Советот на ажурирани привремени мерки, вклучувајќи го и договорот во поглавјето 35 од преговорите за пристап на Србија.
Очекуваме двете страни да ги спроведат договорот и сите други обврски во рамките на дијалогот што чека, бидејќи тоа е клучно за нивните европски патишта – рече Стано.
Бидејќи Косово, за разлика од Србија, нема статус на кандидат за полноправно членство, обврските од дијалогот за земјава ќе бидат вклучени во Специјалната група за нормализација. Стано потврди дека соодветно ќе се ажурира и дневниот ред на следниот состанок на Специјалната група.