Во филмовите на Балканот често имате ликови што имаат проблем со алкохолот, а тоа секогаш се – мажи. Постои едно табу дека жената не смее да пие, а камоли да биде алкохоличарка. Тоа секогаш е придружен дел, често пожелен и афирмативен, машкиот, патријархален, мачо маж. Ние тука го разбиваме тоа табу, нашата хероина Весна е и интелектуалка и алкохоличарка. Па, може да се каже дека напаѓаме две табуа во еден филм, затоа што во нашиот филм и литература, жената интелектуалка исто така е голема реткост, вели српскиот режисер, кој ќе снима филм според расказот „Осми март“ на нашата Румена Бужаровска

Срѓан Драгојевиќ, српски режисер, сценарист и писател

Во Скопје, во рамките на Саемот на книгата, изминатиот викенд ја промовиравте стихозбирката „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво, или сè што не сте знаеле за поезијата, а сте биле претерано мрзливи да читате“ (издание на „Три“). Оваа книга првпат беше објавена во 1990-тите, а сега доаѓа со нов авторски предговор. Зошто е важно повторно да им се подари оваа збирка на читателите?
– Всушност, ова е компилација од две мои збирки поезија, од 1986 и 1988 година. Првата книга „Збирка на акциона поезија“ ја доби и наградата „Бранко Радичевиќ“. Тоа беше една од најголемите награди за книга поезија и јас бев еден од најмладите добитници. Имав 23 години. Моето занимавање со поезија траеше само една деценија, по пишувањето и објавувањето поезија и проза почнав да се занимавам со филм, се запишав на студии по филмска режија и медиумот во кој решив да се изразам драматично се промени. Сепак, ми се чини дека во оваа поезија има многу елементи што подоцна успеав да ги внесам во моите филмови.

Како што истакнувате во предговорот, секое дело има свое сидро во епохата во која е создадено, а епохата во која настанаа овие песни навистина беше интересна… Што Ви беше Вам најинтересно во таа епоха?
– О, тоа е долга приказна, особено за генерациите што немаат ама баш никакво искуство со Југославија. Можеби дури ќе им биде заморна, во смисла – што сега тука некој дедо ги раскажува своите спомени, па не се осмелувам премногу да ја елаборирам оваа тема. Како прво – сѐ уште не се чувствувам како дедо и се трудам повеќе да ме интересира сегашниот момент. Накусо, тоа беше необична доба, во голема мера лишена од денешниот сеприсутен материјализам. Ако имаш малку повеќе пари од некој друг, се трудиш да не го покажеш тоа за да не доведеш некого во непријатна ситуација. Беше „бламажа“ и да се фалиш со пари и да ги истакнуваш, сметавме дека тоа е знак на лош вкус и примитивизам. Така што, од овие позиции, се плашам дека воопшто не можете да го разберете тоа. Во 1980-тите ја имавте кампањата „Имаш куќа врати стан“, па многу жители на СФРЈ што добија бесплатни станови од претпријатијата, ѝ ги враќаа тие станови на заедницата доколку во меѓувреме изградиле приватни куќи. Денес таквите би ги испратиле директно во лудница. Но, тоа не беше идеално општество, младите мислечки луѓе ги презираа членовите на партијата и гледаа на нив како на бубалици и кариеристи. Но, за разлика од денешните членови на партиите на власт, постоеше тенденција во Сојузот на комунистите да се примаат луѓе со завршени факултети и беспрекорни биографии, иако медиокритети. Ама не социопати и луѓе со кривични пријави. Ова е многу важна разлика во организацијата на општеството некогаш и сега.

Песните напишани од 1982 до 1988 година, во последната мирнодопска деценија на СФРЈ, во таа смисла ги отсликуваат духот на тоа време и младешкиот бунт на тогашниот 20-годишен Драгојевиќ… Што доби, а што изгуби во меѓувреме тој Ваш дух?
– Добро, се има скриено тука и една песна што е напишана во раните 1990-ти, кога веќе почна војната, а Југославија беше веќе минато, а јас веќе имав две мали деца. Се доживувам себеси како и натаму да имам триесетина години, иако, реално, „состојбата на терен“ ме демантира. Пет деца, три внуци, можеби, сепак тие ме тераат да останам млад затоа што јазот меѓу најстарото и најмалото дете е дури дваесет и две години. Многу работи научив од нив, од едната ќерка што е актуелно во музиката, од другата, пијанистка, многу за класичната музика, каде што имав големи дупки во образованието, од најмладите – за балетската уметност. Се разбира, и од синовите, но жените во нашето семејство дефинитивно се доминантни.
„Ние не сме ангели“, „Убавите села убаво горат“, „Рани“, „Парада“… Вашите филмови ја обележија српската кинематографија од распадот на СФРЈ до денес. Но дури сега добивте финансиски средства за новиот филм „Осми март“. Па, како е можно вакво име на српскиот филм да биде одбивано со години?
– Да, баш ретко добивам на конкурсите, да речеме, секоја петта или шеста година. Секојпат конкурирам со многу слаб успех. Ма, мене тоа долго време не ми беше некој голем проблем, мала земја сме и парите за филмови се мали, а имаме доста квалитетни автори и авторки. Туку, како што човек старее, се појавува свеста дека од седумте проекти што би сакал да ги снимам, тешко дека ќе можам повеќе од два-три. Неколку навистина интересни сценарија ќе останат само на хартија. Не е проблем кога ќе ме одбијат на конкурс, јас тоа го доживувам спортски, секогаш велам – можеби имало подобри проекти, ама одвратно беше она што ми се случи пред две години, кога изборот на комисијата на Филмскиот центар беше поништен и кога Управниот одбор го поништи конкурсот поради проектот на Горан Марковиќ за Радован Караџиќ, кој со години се криеше од Хашкиот трибунал како „Доктор Дабиќ“. Проектот на Жилник и мојот „Шкартови“, кој веќе со години сакам да го работам, се само колатерална штета поради политиката. Добро, можеби мојот не е само колатерална штета. Таа партија на власт ги нема моите симпатии, тие знаат дека јас кон нив негувам едно чувство на љубезно гадење. Со еден збор, одвратни ми се. Но, во овој момент, навистина немам многу право да се жалам. Според расказот на Румена, напишав сценарио многу верно на приказната „Осми март“. Јас и Румена соработувавме на овие последни верзии на сценариото, бидејќи на конкурсот во Србија добивме доста скромни средства, некаде околу 30 отсто од буџетот. Се надеваме дека остатокот ќе го добиеме преку копродукции во земјите од регионот, Германија и „Еуримаж“. Еве, во моментов има конкурс и во Македонија, се надеваме дека и тука ќе имаме среќа. Во двата претходни филма, „Парада“ и „Небеса“, имав навистина прекрасна соработка со Македонија, снимав во Битола и во Скопје. Планираме и „Осми март“ да го снимаме во Скопје, сѐ што е поврзано со универзитетот каде што работи главната хероина на филмот, Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Предлошката за „Осми март“ е напишана според истоимената приказна на Румена Бужаровска, па како дојде до соработката со нашата Румена?
– Со Румена се знаеме долго време. Уште пред да дојдам да го снимам „Небеса“ во Скопје, разговаравме за овој расказ, кој ме интересира и кој совршено се совпаѓа со мојот светоглед и смисла за хумор. Некаде во тоа време се јави и хрватскиот режисер Бранко Шмит и ги бараше од Румена правата за оваа приказна. Бидејќи тогаш бев на почетокот на создавање на филмот, на Румена ѝ реков дека не е во ред оваа одлична приказна да стои и да ме чека мене неколку години. Бранко Шмит ја адаптираше приказната во сценарио, ама не успеа да добие пари од хрватскиот фонд и на крајот се откажа. Јас тогаш веќе бев во фаза на дистрибуција на „Небеса“, барав тема за нов филм и – сепак, излезе дека „Осми март“ ми е суден мене. Таа приказна не може да се случува во Загреб. Тие се Европска Унија. Може во Скопје, Белград, Сараево. Таму каде што професорите и интелектуалците се понижени, во секоја смисла, и материјално и морално. Само на Балканот, каде што постои и тој аспект на неоимперијализам, не премногу различен од империјализмот на 19 век. На Балканот тоа е реалност. Сепак, ние се занимаваме со овие тешки теми, би рекол, со крената глава, со една доза на хумор, без дефетизам.
Што можете да ни откриете за сценариото на одличната приказна на Румена? Каква е положбата на жената денес во нашите општества, на Балканот? Очигледно е дека сè уште ни е потребен феминизмот?
– Феминизмот е секогаш неопходен. Тој е составен дел на секоја лева политика. Јас и Румена тука ги делиме целосно нашиот светоглед и политички начела. Бидејќи секој филм за нашата реалност секогаш е политички филм, ако сака да биде вистинит и искрен. Во филмовите на Балканот често имате ликови што имаат проблем со алкохолот, а тоа секогаш се – мажи. Постои едно табу дека жената не смее да пие, а камоли да биде алкохоличарка. Тоа секогаш е придружен дел, често пожелен и афирмативен, машки, патријархален, мачо маж. Ние тука го разбиваме тоа табу, нашата хероина Весна е и интелектуалка и алкохоличарка. Па, може да се каже, напаѓаме две табуа во еден филм, затоа што во нашиот филм и литература жената интелектуалка, исто така, е голема реткост. Тоа се светови исполнети со некои лути, тешки машки ликови, приказни во кои жените обично се само украс и, понекогаш, сомнителна мотивација за машкото дејствување.
Дали ова ќе биде феминистички филм и, ако е така, во која смисла го разбирате феминизмот, можеби како конечна еманципација на мажите, бидејќи, според моето мислење, жените одамна се еманципирани, во најголем дел, се разбира?
– Знаете што, тоа е тешко прашање во светлината на веста дека наш колега од Хрватска е сексуален предатор со навистина долго досие на такво однесување. И во Србија имавме неколку такви случаи и мило ми е што жените се охрабруваат и се обединуваат против таквото однесување. Па, гледате дека и нашиот колега имаше голем број изјави за тоа дека се залага за охрабрување на жените, а во реалноста правел нешто сосема друго. Не би сакал тука да изговарам некои флоскули и генерализации. Јас сум на чело на нашата Колективна организација за исплата на авторски права на автори и сега инсистирав во новиот статут на организацијата да имаме почит кон принципот на родова еднаквост. Исто така, отсекогаш во филмската екипа сум имал многу повеќе жени меѓу авторите отколку мажи, всушност со продуцентката Билјана Првановиќ работам долго време, а и повеќето продуценти со кои конкурираме во фондовите се – жени. Мене тоа некако ми е нормално, жените на Балканот суштински се многу повредни и посигурни. Мажите знаат да бидат мрзливи и инертни. Можеби мажите се губитниците на оваа наша транзиција затоа што не се способни доволно брзо да се менуваат и да излезат од матрицата на традиционалното и патријархалното.
Во план е снимање на уште еден филм – омнибусот „Млечни заби“, адаптација на седум раскази од истоимената збирка на писателката Лана Басташиќ, инаку пријателката на Румена, со која имаат и сличен авторски сензибилитет. Две современи писателки. Како Ве привлекоа токму овие текстови?
– Еве дополнителен одговор на претходното прашање. Не избрав некои „мачо“ писатели, туку две талентирани писателки, најинтересни за мене во целиот регион. Мажите често тормозат со некои историски теми, војни и слично, жалат над судбината на своите јунаци. Мене тоа ми е досадно. Жените повеќе живеат во сегашноста. И јас се трудам да живеам така.
Имате изјавено дека сте еден од ретките режисери што не добиле можност да режираат серија. Дали сè уште сакате да го направите тоа? Всушност, и „Ние не сме ангели“ требало да биде телевизиска серија…

– Да. Често велам дека во Србија само Бата Канда, Баба Курана и јас не сме снимиле серија. Всушност, секој што поминал покрај нашата драмска академија напиша и режираше серија. Ете, јас не. А и како? Не можам да работам во Србија ни за еден емитер. За Јавниот сервис и за Телеком не можам, затоа што, како што ви кажав, „ги мразам како Германци“ и не можам да го кријам тоа и да се преправам. За „Јунајтед медиа“ – СББ не можам бидејќи му должат на нашето здружение и должат 14 милиони евра бидејќи веќе седум години не сакаат да им плаќаат на авторите хонорари за емитувањето на филмови и серии, што мора да го прават по закон. Идиотите мислат дека јас сум им виновен што имаат толку голем долг што не сакаат да го платат, а јас морам да се борам за правата на авторите, тоа ми е должност. Ма, тоа ви е истиот брод, суштински, како оваа другава страна, на Вучиќ. Арогантна и одмаздољубива. Тоа е тој многу машки поглед на светот, злобен и одмаздољубив, каде што единствено е важно некој да се згази и понижи. Немам што да додадам околу сериите, освен дека ги имам пет. Стојат и чекаат подобри времиња и подобри луѓе. Впрочем, еве Румена и јас избравме десет нејзини раскази и имаме план да направиме серија според нив. Антологиска серија за животот и проблемите на жените во сегашниот миг. Ние би биле креатори, би ги напишале сценаријата, но јас би режирал само една приказна. Мислам дека другите девет приказни мора да бидат режирани од режисерки.
Дали сè уште сте убеден дека уметноста е она што е навистина важно?
– Се разбира. Инаку често не би станувал наутро да немаме повеќе од сто евра како целокупен имот. И тоа на шеесет години. Горд сум што им припаѓам на губитниците на транзицијата во свинскава сегашност, но тоа е цената кога ти е важна уметноста.