Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изборниот процес во Македонија беше под мониторинг и на меѓународни набљудувачи, како мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Набљудувачите беа излезени на терен, а шефицата на мисијата, Џилијан Стирк, најави посеопфатен извештај во текот на денешниот ден

Од мониторингот над претседателските избори 2024

Првиот круг на изборите за претседател на Македонија, одржан на 24 април 2024, се одржа во атмосфера на демократско и мирно граѓанско изјаснување, без насилни инциденти што би го нарушиле кредибилитетот на избирачкиот процес. Сепак, забележани се одредени пропусти и пречки на одредени изборни места, што можело да ги спречи граѓаните да го реализираат своето гласачко право, за што Државната изборна комисија реагирала и активирала корективни процедури.
Најкарактеристично отстапување во изборниот процес се случило на три избирачки места во Куманово, зашто на две места не работеле УБИГ–уредите за биометриска идентификација, а на едно недостигал печатот. На сите три места не е продолжено гласањето и веројатно ќе биде повторено.
Во текот на гласањето беа откриени одредени несогласувања во избирачкиот список. Претставниците на ДИК ги признаа случаите дека починати лица останале на избирачкиот список, припишувајќи го тоа на изборниот протокол, кој ги води избирачките списоци 30 дена пред изборите. И покрај овие аномалии, ДИК ја нагласи својата посветеност на периодично прочистување на изборниот список, користејќи податоци од институциите што соработуваат за да се обезбеди точност и транспарентност во изборниот процес. На изборниот ден имало околу стотина приговори, по што на граѓаните им било овозможено да го остварат своето право на глас.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција по затворањето на избирачките места констатираше дека денот поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера. Биле евидентирани 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаја на кинење на гласачкото ливче, имало шест пријави за нудење поткуп, 15 пријави за агитирање. На подрачјето на СВР-Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим за антитероризам е извршена проверка, подигната е направата и објектот му е предаден на претседателот на Избирачки одбор.
Изборниот ден беше следен и од Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела против изборите и гласањето. Претседателот на оваа комисија, јавниот обвинител Џелал Бајрами, информира дека изборниот ден се одвивал без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Според информациите на Бајрами, во текот на изборниот ден, во ОЈО-Радовиш е пријавено дека во селото Бучим еден од гласачите, наводно, го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите на една политичка партија, а во предизборниот ден, во ОЈО-Делчево е заведен предмет по барање на МВР за вршење увид во службената документација на ЈП „Комуналец“, за да се проверат наводи за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина.

Изборниот ден беше следен и од Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела против изборите и гласањето. Претседателот на оваа комисија, јавниот обвинител Џелал Бајрами, информира дека изборниот ден се одвивал без поголеми нарушувања и нерегуларности

Во двата случаја, напомена обвинителот, ќе се постапува соодветно доколку се утврди дека има елементи за сторени кривични дела.
Изборниот процес во Македонија е под мониторинг и на меѓународни набљудувачи, како мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Набљудувачите беа излезени на терен, а шефицата на мисијата, Џилијан Стирк, најави посеопфатен извештај во текот на денешниот ден.
– Досега посетив само две избирачки места и од утрово таму сè се одвиваше непречено. Но ова се само две од многуте избирачки места, така што навистина не можеме да извлечеме заклучоци до крајот на денот – изјави Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР во земјава, речиси на почетокот на изборниот ден.
Стирк соопшти дека ОДИХР има повеќе од 200 набљудувачи распоредени низ сите региони во државава, како и долгорочни набљудувачи, кои се тука од отворањето на мисијата, на крајот на март. Таа наведе дека ги набљудуваат изборите во Македонија, оценувајќи ги според меѓународните обврски и домашното законодавство.
– Колективно го оценуваме целиот изборен процес, од законодавната рамка до самото спроведување на изборите, вклучувајќи го и финансирањето на кампањата и, секако, улогата на медиумите. Утре (денеска, н.з.) ќе ги презентираме нашите првични резултати, ќе одржиме прес-конференција… – изјави Стирк, најавувајќи присуство на прес-конференцијата на ОБСЕ и на нивни партнери, набљудувачи од Советот на Европа. Ј.П.