Популарноста на корејската кинематографија расте со огромна брзина последниве неколку години, а оскаровскиот успех на „Паразит“, филмот што го разбуди светскиот глад за корејскиот филм, несомнено игра голема улога во тоа. Сепак, како причина за големиот интерес се наведува и глобалниот феномен наречен „к-поп“ – корејска музичка индустрија, која во последниве две децении привлекува млада публика од целиот свет, публика што опсесивно консумира корејска продукција, почнувајќи од музика, мода и козметика, па до филм и ТВ-серии.

Иако корејската драма одамна е популарна помеѓу големите кругови љубители на поп-културата, Нетфликс е првата голема стриминг-платформа што нуди пристап до корејски серии. За разлика од корејските филмови, к-драмите следат одредена формула – најчесто 16 епизоди, со романтична содржина наменета за тинејџерска публика, каде што често некој од ликовите е глумен од популарен к-поп идол, потег што гарантира гледаност. Сепак, се чини како нештата полека почнуваат да се менуваат, што е нетипично за индустрија што го гради својот успех врз цврстите столбови на веќе проверени формули, индустрија што е многу внимателна со преземањето ризици и која потекнува од конзервативна држава.

„Итевон клас“ и „Воннаставни активности“ се две серии што неодамна ја имаа својата премиера на Нетфликс и за многу кратко време привлекоа големо внимание токму поради нивната различност и храброст во пристапот кон одредени проблематики во корејското општество.
„Итевон клас“ во режија на Ким Сунг Јун, базирана на интернет-стрипот од Гванг Џин, ја следи приказната на поранешен затвореник, кој се обидува да застане на нозе, барајќи нова смисла во животот, откако неговиот татко умира во сообраќајна несреќа. Ликот на Парк Се Роји (Парк Со Џун), претставува илустрација на решителноста и борбата, кои се потребни за една личност да се издигне од валканиот свет на неправдата и криминалот, ползејќи по трнливиот пат до успехот, притоа наидувајќи на безброј препреки, како силна конкуренција, корупција и манипулација.

Се Роји има јасна цел – да отвори ресторан во Итевон, елитна населба во Сеул, и да се одмазди за неправдата што го заклучила зад решетки и го убила неговиот татко. Оваа битка тој не ја води сам. Нему му се приклучува група млади луѓе, преку чии ликови публиката се доближува до суштински проблеми во корејското општество. Предрасуди, дискриминација, хомофобија, трансфобија, расизам, сексизам се само дел од проблемите со кои се соочуваат овие ликови. Но она што ја прави оваа к-драма поразлична од преостанатите, е фактот што отворено го критикува негативното во ова општество.

„Итевон клас“ е корејска серија што првпат вклучува трансродов лик, наедно ставајќи акцент на силни женски ликови и на големата генерациска разлика кај паровите, што сѐ уште претставува табу.
„Воннаставни активности“, пак, е серија снимена според сценарио на Џин Хан Се, во режија на Ким Џин Мин и отвора прашања поврзани со тинејџерски криминал. „Воннаставните активности“ на средношколците О Џи Су (Ким Донг Хи), Со Мин Хи (Џун Да Бин) и Бе Гју Ри (Парк Џу Хјун) вклучуваат погрешни одлуки, валкани пари, кражби, малолетничка проституција, убиства и многу крв. Ништо од наведеното не се очекува да биде дел од типична к-драма, и фактот што се појавува серија во која реалистично се прикажани примери на тинејџерска деликвенција, нешто што Јужна Кореја со задоволство би го скрила, е она што привлече толку големо внимание кај публиката, правејќи ја една од најгледаните серии на Нетфликс во текот на минатата недела.

Но „Воннаставни активности“, исто така, го потегнува прашањето за тоа колкаво е влијанието на родителите врз изградбата на личноста на детето и неговите одлуки. Во општество каде што критиката кон постарите генерации е речиси незамислива, оваа серија несомнено ја разнишува таа традиција. А кога веќе се говори за храбрите потези на „Воннаставни активности“, не може а да не се спомене и фактот што оваа драма претставува референца на уште еден голем и сериозен проблем што сѐ уште ја тресе Кореја – случајот „Нтх рум“ (корејската „Јавна соба“ група на Телеграм) каде што се споделуваа експлицитни сексуални содржини што вклучуваат и малолетнички. Во овој случај беа вмешани и голем број корејски поп-ѕвезди, а некои од нив се соочуваат со затворска казна.

Не е реткост да видиме одличен кастинг во к-драми, особено за главните ликови. Парк Со Џун е фантастичен во својата улога на човек што поминал низ големо страдање, човек со премногу емоции и премалку начини да ги изрази истите тие. Додека, пак, неговите колеги од „Итевон клас“, Ком Да Ми, Ју Џе Мјунг, како и Ким Донг Хи и Ли Џу Јонг, се еднакво одлични. Кастингот во „Воннаставни активности“ е речиси совршен, со тоа што Ким Донг Хи и Парк Џу Хјун беспрекорно ја одржуваат динамиката помеѓу две деца со сосема различно минато, но многу слична проблематична сегашност и уништена иднина, додека, пак, улогата на Чои Мин Су ги освои срцата на публиката, како бездомникот што се жртвуваше за нивната безбедност.

„Итевон клас“ и „Воннаставни активности“ засега претставуваат само редок пример на корејски серии, кои видливо го менуваат восочното лице на к-драмата. Изненадува и радува тоа што се појавува потреба да се скрши оној дебел слој мраз од нереалистични идеали и конечно да се прикаже една поинаква слика за корејското општество, особено корејската младина – слика што е далеку од розова и совршена, слика што открива проблеми за кои вреди да се зборува и за кои постои надеж дека ќе бидат адресирани и решени во блиска иднина.