Старт ап компанија од Минхен ова лето ги искористува предностите на силното баварско сонце за да ги спроведе последните тестирања на системот за напојување за својот модел „Сион“, електрично возило што се полни за време на возење преку соларни ќелии.
Иако Германија веројатно нема да го реализира проектираното ниво од вкупно милион електрични возила на своите патишта до 2020 година, тамошната влада во април објави дека е подготвена да ги поддржи компаниите кои произведуваат батерии за електрични возила.
Соно Моторс, основан во 2016 година, го развива моделот „Сион“, што е во целост електрично возило со соларни ќелии вградени на каросеријата. „Сион“ може да се напојува преку соларна енергија, преку конвенционалните електрични приклучоци или од другите електрични автомобили.
Почетокот на неговото производство се планира за втората половина на 2019 година во германската фабрика. Соно сега има околу 5.000 порачки. Продажбата на возилото по цена од 16.000 евра ќе започне следната година.
„Сион“ ќе има 330 соларни ќелии прицврстени на покривот, поклопецот на моторот и страниците на возилото, а неговиот батериски систем ќе обезбеди околу 250 километри возење пред повторното полнење.
– Во возилото има греач за седиштата, клима уред, а посебно е важен големиот информациски систем кој може интерактивно да се поврзе на телефон. Тоа значи дека тоа е навистина комплетно возило, многу едноставно и без вишок делови – вели Лорин Хан, основач и главен извршен директор на тој старт ап.