Пештерската црква „Св. Атанасиј“ е на списокот на објекти прогласени за културно наследство на Македонија и според евиденцијата во Регистарот на културното наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија, регистрирана како црква „Св. Атанас“
Во непосредна близина на манастирот во Калишта, јужно од него, срасната со околните карпи, се наоѓа пештерската црква посветена на александрискиот архиепископ Атанасија. Во внатрешноста е зачуван најголемиот ансамбл на средновековното сликарство во Струшко. Иако не се зачувани пишувани извори, стилските белези на овие фрески недвосмислено упатуваат на нивното датирање во седумдесеттите години од 14 век. Гледајќи го сликарството во целост, зачуваните ликови на светителите и неколкуте композиции од Големите Празници, со помош на ликовните одлики на овој живопис, ни откриваат рака на вешт зограф, кој одлично го познавал својот занает, а со голема љубов ги сликал познатите ликови што го илустрираат Светото евангелие. Дел од живописот бил насликан и во 19 век. Д.Ст.
Калишки манастир
Калишкиот манастир е македонски православен ставропигиален манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Струшко и наедно претставува летна резиденција на поглаварот на Македонската православна црква. Се наоѓа на самиот брег на Охридско Езеро во природен карпест амбиент.
Во манастирскиот комплекс има четири цркви. Две се посветени на Рождеството Богородично – едната е пештерска и е постара, а другата е понова и претставува главна манастирска црква. И двете други, од кои едната е посветена на Св. Петар и Павле, а другата исто така пештерска, посветена е на Св. Атанасиј.
Калишта
Калишта е село во областа Дримкол, во општината Струга, во околината на градот Струга, сместено на северозападниот брег на Охридско Езеро. На јужната страна, веднаш на самиот крај на селото, се наоѓа познатиот средновековен манастир посветен на Успението на Пресвета Богородица, сместен во пештера над езерото, за кој се знае дека потекнува од 15 век. Во денешно време покрај оваа стара пештерска црква постојат и две нови цркви со манастирски конаци подигнати крај самото езеро, веднаш до хотелот „Бисер“. За овој манастир секогаш се грижеле вредни калуѓерки. На карпестиот гребен, кој се издигнува веднаш јужно од селото Калишта и се протега сѐ до селото Радожда постојат повеќе вакви стари средновековни пештерски цркви од 14-15 век со доста вреден и интересен живопис. Д.Ст.