Најпознатите празнични филмови
Празниците се време за опуштање, поминување време со семејството и период за маратонско гледање на филмови. За таа пригода, издвојуваме дел од најдобрите филмови со кои можете да уживате во претстојните новогодишни и божиќни денови.
Лошиот Дедо Мраз (2003)
Лошиот Дедо Мраз е неконвенционален божиќен филм чиј заплет е фокусиран на Вили (Били Боб Торнтон), депресивен алкохоличар кој е криминалец. Секоја година тој работи како Дедо Мраз во трговски центри заедно со неговиот придружник Маркус (Тони Кокс). Тие потоа ги ограбуваат трговските центри откако детално ги проучуваат безбедносните системи.
Филмот покажува дека дури и најстрашните човечки суштества можат да се претворат во подобри личности благодарение на божиќниот дух.
Умри Машки (1988)
Њујоршкиот полицаец Џон Меклејн се справува со терористи за време на божиќна забава во Лос Анџелес, притоа обновувајќи ја љубовта со неговата отуѓена сопруга.
Дебатата околу тоа дали „Умри машки“ претставува божиќен филм стана традиција за време на празниците исто како и самиот филм. Како и да е, овој забавен акционен филм од 80-тите години на минатиот век, со Брус Вилис и Алан Рикман во главните улоги, е секогаш интересен за гледање.
Елф (2003)
Кој би рекол дека возрасен маж кој е убеден дека е елф ќе стане новогодишна класика? Елфот Бади (Вил Ферел) е посвоен од Дедо Мраз и израснат од неговите џуџиња. Бади заминува во Њујорк за да се сретне со својот одамна изгубен татко, кој исто така се наоѓа на списокот на непослушните…
Хуморот во филмот ги посочува веќе познатите божиќни теми како несебичноста, важноста на семејството, прифаќањето на детете во нас и љубовта.
Филмот е пребаруван на „Гугл“ речиси четири милиони пати, на Твитер е споменат повеќе од 50.000 пати, а во кината досега заработи над 300 милиони долари.
Сам дома (1990)
Заплетот на филмот е добро познат. Осумгодишниот Кевин Мекалистер останува сам дома откако неговото семејство замина на патување. Откако ќе ја напуштат куќата, влегуваат двајца крадци, на кои Кевин им подготвува бројни стапици со кои ги спречува во намерата за кражба.
Преку „Гугл“, филмот бил пребаруван преку пет милиони пати, на Твитер бил споменат над милион пати и заработил повеќе од 400 милиони долари.
„Како Гринч го украде Божиќ“
Многумина овој филм го сметаат за детски, но еднакво го сакаат и возрасните, особено во текот на новогодишните и божиќните празници. Станува збор влакнесто суштество по име Гринч, кое жителите на гратчето Ху го отфрлиле додека било мало, бидејќи го сметале за лошо и грдо. Потоа Гринч отишол да живее во пештера и почнал да ги мрази луѓето, особено за време на Божиќ. Еден ден Гринч ја запознава Синди Лу, наивно и добродушно девојче, на кое случајно му го спасува животот. Во знак на благодарност таа го кани на Бадник во градот, иако знае дека тој не припаѓа таму.
Доколку не сте сигурни што да гледате за време на празниците, ви ја препорачуваме и следната листа со новогодишни и божиќни филмови: „Всушност љубов“ (Love Actually), „Дедо Мраз“ (The Santa Clause), „Кошмарот пред Божиќ“ (The Nightmare Before Christmas), „Артур Божиќ“ (Arthur Christmas), „Гремлини“ (Gremlins), „Поларен експрес“ (The Polar Express), „Божиќниот одмор на националниот Лампион“ (National Lampoon’s Christmas Vacation), „Скруџ“ (Scrooged), „Ѕвончиња по патот“ (Jingle All the Way), „Божиќната песна на Мапет“ (The Muppet Christmas Carol), „Ова е прекрасен живот“ (It’s a Wonderful Life), „Чудо на улица 34“ (Miracle on 34th Street), „Бел Божиќ“ (White Christmas) и „Празник“ (The Holiday).