Жени од Ресен во своите народни носии во почетокот на 20 век

Врз основа на расположливите податоци, не може со сигурност и точност да се утврди од кога датира женската поворка Иванденка од Ресен, т.е. да се утврди староста на овој архаичен обреден комплекс. Првите пишани податоци се јавиле од почетокот на 20 век, но од искази добиени од испитаници од теренски истражувања, прославата на овој празник датирала неколку генерации претходно

Знаменитостите на Македонија

Празнувањето на празникот Иванка имал исклучително долга традиција во регионот на Горна Преспа, но подоцнежното негово празнување било лимитирано само на територијата во градот Ресен. Обредната комплексност на празнувањето на Иванка била исклучително сложена и претставувала своевиден збир на обредно-магиски постапки што имале своја намена и цел и кои имале и извршувале одредена функција. Анализата на овој комплекс покажува дека тој во себе интегрира поголем број обредни содржини, кои во минатото биле многу побогати, но кои, за жал, постепено се редуцирале. Таков бил случајот со обредното берење цвеќе, обредното налевање вода во ѓумовите, репертоар на пригодни иванденски песни, кој бил речиси наполно напуштен и заборавен.
Празнувањето на Иванка започнувало на 5 јули, кога се формирале групи на девојчиња, кои оделе по домовите и собирале разни посни продукти, од кои следниот ден, на 6 јули, во една од куќите на девојчињата од групата се приготвувал ручек. На ручекот, на кој присуствувале повеќето девојки, жени и мали деца, се пееле голем број пригодни песни. Овој елемент од празнувањето на Иванка се сметал за своевиден рецидив од некогашните обреди на премин.

Фото: Никола Кибрев

На 6 јули се вршела обредната активност т.н. обредно собирање цвеќе – наваличе, кое подоцна се користело за изработка на кукла Иванка. Овој елемент од обредниот комплекс бил директно поврзан со летната рамнодневица, но и со чудотворната и опотропејска моќ на билките и на растенијата.
Празнувањето на Иванка било и во врска со празнувањето на летниот солистициј, кој во системот на годишни празнувања се ставал во корелација со празнувањето на зимскиот солистициј, како два најважни моменти од циклусот на годишните празнувања во народната традиција. Од друга страна, пак, како пандан на летниот солистициј, во рамките на христијанската религија се појавува празникот на раѓањето на Свети Јован Крстител, чиј датум се поистоветува со датумот на кој се празнува празникот Иванка, додека пак неговиот пандан т.е. празник на прослава во зимскиот солистициј е Божиќ. Иако ваквата поставеност на односите и релациите со силно влијание на христијанството во одредени сегменти, сепак бројот е минимален и незабележителен, што може да биде показател на претхристијанско потекло и за неговата старост.
Празнувањето на овој празник и подготовката на куклата Иванка како нејзин препознатлив симбол биле единствени од ваков вид на територијата на Македонија. Присуството на мноштво архаични елементи што зборуваат за културните и цивилизациските вредности на населението од регионот, но и од Македонија, секако се уште еден дополнителен елемент за одредување на неговата вредност и значење. Д.Ст.


Фото: Тони Ристовски

Критериуми за валоризација на женската поворка Иванденка како доброто

1. Автентичност – изразена преку оригиналноста на целокупниот концепт на доброто;
2. Реткост – во однос на квантитативната застапеност на слични иванденски прослави;
3. Единственост – која се изразува по однос на застапеноста на доброто исклучително на територијата на градот Ресен и никаде на друго место на територијата на Македонија, со свои специфични облици и посебен творечки израз;
4. Интегралност – изразена преку високиот степен на единство на функциите и облиците каде што интеракцијата со средината е постојано присутна со единствена цел да обезбеди здравје, среќа и просперитет на вклучените поединци, но и на заедницата во целост;
5. Старост – изразена преку архаичноста на облиците во рамките на обредниот комплекс;
6. Воспитно-образовна функција;
7. Научна функција;
8. Културна функција;
9. Комуникациска функција;
10. Информативна функција. Д.Ст.