Фото: Пиксабеј

Според една нова студија, водата во многу од најголемите езера во светот нагло се намалилa во последните 30 години, со кумулативен пад од околу 21,5 гигатони годишно. Загубата на вода во природните езера може „во голема мера да му се припише на затоплувањето на климата“, рече тимот од научници што објавија истражување во „Сајанс“, во кое анализираа сателитски податоци од 1.980 езера и резервоари помеѓу 1992 и 2020 година.

Комбинацијата на информации од различни извори исто така им овозможи на научниците да утврдат дали падот е поврзан со климатските фактори, како што се зголеменото испарување и намалениот тек на реките, или други влијанија, вклучувајќи и пренасочувањето на водата за земјоделството или градовите.

Езерата што исчезнуваат веќе предизвикаа глад и дислокација и го зголемија потенцијалот за меѓународен конфликт, вклучувајќи и во Африка, каде што се суши езерото Чад, и во Јужна Америка, каде што во минатото исчезна боливиското езеро Поопо, некогаш второ по големина тело во земјата.

Новата студија покажа дека загубата на вода од езерата е распространета во големите глобални региони, вклучувајќи голем дел од внатрешна Азија и Блискиот Исток, Североисточна Европа, како и Океанија, Северна и Јужна Америка и Јужна Африка. Вкупно 457 природни езера имале значителни загуби на вода од околу 38 гигатони годишно, додека 234 езера покажале зголемување на акумулацијата на вода, а 360 – околу една третина од испитуваните езера – не покажале значителни промени.

Само околу една третина од вкупниот пад на складирањето вода во езерата што се сушат се компензира со зголемувањето на другите езера, а водните тела со зголемени нивоа се претежно во оддалечените и ретко населени региони. Овие зголемувања на складирањето беа предизвикани главно од промените во врнежите и истекувањето, заклучи студијата.

Големиот пад на глобалните површински води има реални последици за локалното население во многу региони во светот. Многу од овие локални популации зависат од складирањето на водата во езерото, без разлика дали за водоснабдување, риболов и снабдување со храна, хидроенергија, наводнување, навигација, рекреација.