Калифорниската компанија „Санстол“ го претстави својот вертикален соларен панел наречен „санзаун“, кој може да се користи на постојните полиња и обработливо земјиште без да ги жртвува за чиста зелена енергија.
Соларните панели „санзаун“ се инсталираат на ист начин како и конвенционалните соларни системи, разликата е во тоа што новиот систем користи бифацијални соларни модули, а целата низа на панели стои како граничен ѕид на теренот.
Додека многу земји се обидуваат да се оддалечат од фосилните горива, заинтересираноста за сончевата енергија се зголеми во последните години. Европските земји што се соочуваат со сурови зими исто така наоѓаат нови начини за користење на сончевата енергија, како што е поставувањето соларни панели на големи надморски височини. Во такво сценарио, одвојувањето на големи површини земјоделско земјиште за изградба на соларни фарми може да изгледа претерано. Меѓутоа, тука би можело да помогне полето на агроволтаиката, благодарение на расположливото земјиште со двојна употреба.
Иако агроволтаиката е релативно нова област, таа веќе постави некои стандарди, како што е употребата на подигнати платформи за инсталирање соларни панели. Ова овозможува земјиштето да се користи за одгледување култури, притоа заштитувајќи го од силното сонце и намалувајќи го количеството вода потребно за одгледување култури.
Ова е корисен концепт, но ги зголемува трошоците за инсталација. Меѓутоа, вертикалните соларни панели „санзаун“ ја поедноставуваат инсталацијата на соларните панели бидејќи нема потреба да се градат подигнати платформи. Вертикалните панели може да се наредат каде што е погодно, а може да се постават и на земја под наклон од 15 степени.
Генијалноста на „санзаун“ лежи и во употребата на бифацијални соларни модули, поради што нема потреба да се инсталираат панели во конфигурација свртена кон југ. Конвенционалните соларни панели се инсталирани да гледаат на југ во северната хемисфера за да се осигури дека добиваат директна сончева светлина во текот на денот. Бидејќи вертикалните панели користат бифацијални модули, тие можат да се постават во конфигурација исток-запад и сепак да ја вршат својата работа.
Неодамнешното истражување покажа дека инсталирањето бифацијални модули во конфигурација исток-запад може да произведе исто количество електрична енергија како и соларните панели свртени кон југ. Уште поважно, вертикалниот дизајн на панелот не е ограничен само на земјоделските полиња, може да се наредени покрај автопатишта, железници, огради или дури и балкони во станбени области.
Панелите моментално се во процес на добивање на сертификатот УЛ2703, кој ги гарантира безбедносните перформанси на модулот и системот.
Вертикалниот систем „санзаун“ со 43 панели моментално е инсталиран во винарница во Калифорнија и произведува 23 киловати енергија.