Празникот Велики поклади или меѓу народот познат како Прочка е последниот ден пред големите велигденски пости. Кај народот овој поим се користи да се означи последниот ден од сирната недела или денот кога се простуваме од најблиските. Прилепскиот карневал „Прочка“ што се одржа викендов е традиција што го чува ова непроценливо духовно наследство. Во духот на традицијата се претставија над 20 групни маски од Прилеп и од Македонија.

Потеклото на овие обичаи е во антиката

Христијанската скарма на овие обичаи е резултат на вековната практика од времето на воспоставувањето на христијанството, кога деновите од паганскиот годишен календарски циклус се врзуваат за некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар за да се христијанизираат тие обичаи.
– Потеклото на овие обичаи некои истражувачи го изведуваат од дионизиските свечености практикувани и изведувани во антиката, а пак античките игри се надоврзуваат и ги влечат корените уште од времето на обожавање на природата, животните и небесните тела како божества, односно магиските обреди за плодност – велат етнолозите.
Во Рим на 17 декември се одржувале маскирани поворки во чест на богот Сатурн, наречени сатурналии.
– Според други извори, овие свечености се одржувале во февруари, кога момчињата оделе во пештерата над Палатинскиот рид. Таму се жртвувале разни животни. Некои елементи од тие обичаи се зачувани кај разни народи во Европа и кај нас. Може да се каже дека разузденото однесување на учесниците во маскираните поворки, движењата, удирањето со стапови и носењето торби со пепел се елементи што треба да придонесат за зголемувањето на плодноста воопшто – додаваат тие.
Во Македонија маскираните поворки се именуваат различно: маскари, бабари, василичари, мечкари. Најчести ликови се невести, зетови, стари дедовци, мечкари, попови, клисари, полицајци или, пак, во совремието ликовите се земаат од реалните настани што се случуваат. Основната идеја во обредните дејства на маскираните е прогонувањето на нечистите сили.

Посен грав за искупување на гревовите

Маскирните поворки во Прилеп постоеле од памтивек. Има записи дека маскирани поворки во градот се организирале пред 200, можеби и повеќе години. Постои убедување дека Прочка е касапски празник. Токму затоа традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарите се демон на предците и се смета дека за плодноста се задолжени и живите и мртвите.
Мечкарските маски се направени од пресни кожи, кои се врзуваат од рано наутро на студено место. Тогаш учесниците кажуваат пцости и се пие за да се доведат во ритуален транс. Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. Сите носат стапови, ѕвонци и клопотарци.
Со зурли и тапани, прилепските мечари во недела ги посетуваат сите касапски фамилии. На овој ден нема пристојно однесување. Се губат социјалните функции. Постои општа амнестија за сите учесници. Прилепчани им плаќаат на мечкарите за да си го откупат сопствениот живот. Касапите, пак, наредниот ден се собираат на посен грав за да си ги измијат „гревовите“ што ги направиле на Прочка. Ка.М.