Дарко Аницин, уметник

„Боите на вкусот“ е насловот на интерактивната изложба на уметникот Дарко Аницин, која беше отворена на зелениот покрив на домот на културата „Кочо Рацин“. Целта на овој автономен иновативен проект е преку мобилизирање на граѓаните од различни културни средини, да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата, нешта што се помалку или повеќе интересни, во зависност од интересот на поединецот. Но нишката што ги поврзува сите, се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна, што знае да ги обои денот и расположението е оној сегмент што секој со задоволство го зема здраво за готово – храната.
– Храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, таа е еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје. Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик имаат Турците, поради долгиот престој на нашата почва, од каде што е и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството, кон крајот на 19 век, се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна, но незначително. Со текот на времето, некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја), но целта е да ги зачуваме и грижливо да им ги пренесеме на новите генерации – вели Аницин.

Проектот почнaл со објавување јавен повик/интерактивен конкурс за учество на публиката, да праќаат по еден предлог-рецепт, состав со кој го приготвуваат своето омилено традиционално јадење, јадење што го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнуваат. Потоа авторот прави избор на рецепти/традиционални јадења по кои создава акрилни дела (експлозија на бои и вкусови), кои ќе ги претстави на интерактивна изложба, каде што ќе може да се вкусат направените јадења според одбраните рецепти. Според него, воопшто не е деликатно да се преточи традиционалното јадење во ликовно дело.
– Создавањето дела беше уживање, уживав додека вкусував, уживав додека креирав, односно го преточував традиционалното јадење во ликовно дело. Процесот на создавање беше следен, избраниот рецепт го преточував во зготвено јадење, а зготвеното традиционално јадење го вкусував/мезев додека го преточував во ликовно дело. Морам да бидам искрен дека за дел од готвените јадења имав помош во приготвувањето, сепак некои од нив имаат потреба од посебен „финален допир“. Сега веќе сум нестрплив да ја видам реакцијата на посетителите, колку сум успеал да ги пренесам моите сетилни впечатоци на вкусовите. Како уживател на традиционалните јадења, несомнено е дека имаат сличности во бојата и во тој сегмент бојата асоцира на традиционалните јадења, но не и во формата – споделува Аницин.
Секое ликовно дело е именувано по јадењето. Пример-рецепт: традиционално македонско јадење што се состои од тенки слоеви на кори, полнети со сирење, јајца, праз, киселец… Име на ликовното дело „Мазник“.

– Првично ми беше замислено да не се повеќе од 10 дела на изложбата (во согласност со 10 различни јадења), но креативниот занос може и да нема крај. Умешноста во уметноста е да почувствуваш кога треба да престанеш, затоа што секое пренаглување е пренатрупаност, заситеност и хаос, а тоа е спротивно на тоа што сум јас, прецизен, точен, педантен…, исто како и во секојдневието. Така на крајот излезе дека пред публиката ќе се претставам со 13 дела, со оваа изложба. Помеѓу тие 13 дела можеа да се видат дела инспирирани од: турлитава, полнети пиперки, бајалди, тавче гравче и други превкусни јадења и рецепти – дополнува Аницин.