Плакат

Целовечерен концерт ќе одржи ансамблот „Македонија“, кој е репрезент на македонската традиционална култура при Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ќе се одржи на 8 октомври од 19:30 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На концертот „Традицијата патува“, што е во рамките на одбележувањето на празникот 11 – ти Октомври и е дел од годишната програма за работа на Центарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам, ќе бидат изведени песни и ора од богатиот репертоар на анамблот, единствен во државата, од ваков тип, кој работи со професионалци кои се едуцираат низ споменатите институции, а со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционалните инструменти и пеење.
Репертоарот на ансамблот „Македонија“ е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики, обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: западно; југозападно; јужно; источно и северно играорно подрачје. Орскиот репертоар или традиционалното играње се презентира преку обредната и соборската традиција како на пример: обредни содржини –  Џамалари од Скопска Блатија; Божиќарќе од Гора; Машки обредни поворки за Водици од Мијаци, Мала Река; Лазарице од с. Луке; Лазарки од Дебар; Велигденски игри од Порече; Ѓурѓевен од Азот; Тешкото – Мијаци, Мала Река и др. Соборски содржини – Ораовички собор од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук; Овче Поле; Нашето село од Скопска Црна Гора; Каршијак – Скопска Блатија; Чангулово- Малешевија; Шетнала се Јана -Пијанец; Пустец – Долна Преспа; Буките и Поседница – Воден/Меглен и многу други.
Главно обележје на орскиот и музичкиот репертоар се сценско-уметнички сегменти од традиционалната културата како на Македонците, така и на останатите етноси во Македонија
Репертоарот на ансамблот „Македонија“ работејќи во правец на веродостојно афирмирање на македонските традиционални вредности, негува и презентира повеќе музички стилови и тоа: традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура,ќемане, чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим, плех оркестар од тапан с`с саан, грнета(кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука).
Изразно средство со голема важност е и вокалниот елемент, без кој играта не може да се замисли и опстане. Вокалниот репертоар на ансамбл „Македонија“ истражува и се интерпретира низ неколку категории негувајќи различни стилски карактеристики: традиционално едногласно, двогласно  (бордунско) и трогласно (гртено) пеење поделено според обредната или соборската практика, како од селската така и од градската музичка традиција. Посебен сценско – естетски белег оставаат и оригиналните облековни елементи – носиите, со повеќе од 5.000 облековни елементи и над 150 комплетни носии од различни етнички предели на Македонија кои датираат од крајот на XIX век и почетокот на XX век (Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др. )
– Младите функционални, сестрани уметници – играорци, исполнители на народни инструменти и пејачи, достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, она што претставува генетскиот код на еден народ. Основната порака од концертите на македонските културни амбасадори може само да се почуствува и доживее. Ансмблот „Македонија“, е оформен 2012 година, и во краткиот временски период на активно творење реализираше голема турнеја во Јапонија во 2013 год,турнеји и гостувања во Холандија, Бугарија, Германија, Србија, Турција, Полска, Литванија како и голем број на концерти во повеќе градови во Македонија. Во изминатите седум години ансамблот има реализирано повеќе од 500 концертни активности низ Македонија и светот – велат од ансамбл „Македонија“, кој е добитник на бројни награди и признанија.

Ка.М.