Објавени детали од дневникот на славниот актер
Актерот Ричард Бартон во својот дневник ја опишал средбата со Јованка и Јосип Броз – Тито, објаснувајќи зошто парот не го имресионирал, објавуваат регионалните медиуми
Кога Ричард Бартон и Елизабет Тејлор пристигнале на Бриони на 31 јули 1971 година, тие биле пречекани од, како што напишал актерот во неговиот дневник, „жена со селски изглед и мал маж со голем стомак“. Таа била шармантна со разорна насмевка, додека не можел да ги види неговите очи поради затамнетите очила. Актерот бил изненаден колку е крупна жената, а како мажот е „мал и нежен“, како што наведува. Судејќи според ваквиот опис, извесно е дека Тито и Јованка не го импресионирале Бартон.
Познатиот холивудски пар во далечната 1971 година пристигнал во СФР Југославија со цел Бартон да се подготви за улогата на Тито која ја играл во филмот „Битката на Сутјеска“. Сопругата Елизабет Тејлор го придружувала, а дружењето со Тито, Бартон го опишал во дневниците што ќе бидат промовирани во текот на месецов. Тогашната средба на Тито со холивудските ѕвезди привлекла големо внимание во југословенската јавност.
Тито му бил здодевен на Бартон, но се посочува дека Тејлор истовремено била фасцинирана од југословенскиот лидер.
– Стигнавме среќно и со мерцедес-бенз се возевме до Пула каде што нѐ чекаше брод. Голем број на фотографи, новинари и ТВ-лица не чекаа на аеродромот. Вообичаените прашања – какво е чувството да глумиш голем човек и колку знаете за Тито. Ни дадоа вила недалеку од Тито. Многу жешко, без клима уред. Мадам Броз нѐ пречека во вилата. Крупна жена со многу селски изглед и крајно шармантна, со разорна насмевка. Ни понудија канапеи кои ги јадев, тргајќи го лебот настрана, и шампањско што го одбив, како и вкусно турско кафе што не го одбив – напишал во својот дневник Бартон.
Тој додава оти му се допаднал војничкиот лик на Тито што го глумел, но не и самиот југословенски лидер.
– Малку ме изнервира нервозата со која послугата нѐ служи. Тито и Јованка живеат во неверојатен луксуз, неспоредлив со сѐ што дотогаш имав видено. По ручекот, претседателот и јас доста разговаравме за војната, а особено за Сутјеска. Го прашав дали го сака Сталин. Долго чекаше со одговорот и на крајот кажа дека му се допаѓа, односно дека му се восхитува како на политичар, но оти не го сака како човек – истакнува Бартон.
Тито се спомнува последен пат во дневникот на актерот во објавата од 2 август 1971 година.
– Всушност, да не беше Елизабет Тејлор воодушевена од силата и славата на сето тоа, би дал сѐ од себе да прекинам и да побегнам. Толку е огромен напорот да се истрпи здодевноста, особено бескрајните преведени разговори. И Тито и мадам Броз раскажуваат долги приказни поради кои не дозволуваат преведувачите да ги прекинуваат, па откако ќе заврши последната, на човек веќе му е сеедно за што се зборува – ги опишал Бартон разговорите со Тито и со Јованка Броз.
Исмевањето на Тито од страна на Бартон многумина го коментираат и како резултат на љубомора оти неговата сопруга Елизабет Тејлор уживала во друштвото на југословенскиот лидер. Бартон сепак, признава дека имало и светли мигови во текот на средбите.