Во изминатиот месец Антарктикот беше погоден од рекордно високи температури и невообичаено големи количества снег што паднаа во некои региони. На научниците ваквите екстремни појави им отворија многу прашања, а малку одговори.
Мразот што го покрива Антарктички Океан беше 26 отсто под просекот минатиот месец. Ако се погледне низ историјата, тоа е второто најмало простирање на мразот некогаш забележано. Што се однесува до температурата, Источен Антарктик претрпе еден вид топлотен бран минатиот месец, кога температурата се искачи на минус 11,5 Целзиусови степени, што е многу потопло од просекот во оваа област од околу минус 55 степени.

Истражувачката станица Конкордија се наоѓа на околу илјада километри од океанот и на три илјади метри надморска височина и е опкружена со длабока ледена пустина. Тоа се промени на средината на март. Покрај тоа што температурата достигна историски рекорд од минус 11,5 степени, наврнаа и околу 10 сантиметри снег, што е повеќе отколку што паѓа во текот на целата година.
Можевме да си дозволиме да излеземе многу полесно облечени, откривајќи го лицето, со едноставна маица со долги ракави и со добра волнена прекривка одозгора и тоа беше доволно за да останеме надвор многу долго. Тоа навистина е невозможно под нормални услови во март – го опиша своето искуство Џулиен Витвики, истражувач во Конкордија.

Научниците објаснуваат дека поголемите количества снег што паѓаат на Антарктикот се последица на глобалното затоплување. Кога атмосферата ќе се загрее, може да содржи повеќе влага, а повеќе влага значи повеќе снег, пренесува „Еуроњус“.
Инаку, март 2022 година беше за 0,39 степени потопол од светскиот просек во периодот 1991-2020 година, со што беше петти најтопол забележан март на глобално ниво. Сепак, просечната температура во Европа беше за 0,43 степени пониска, што го направи март 2022 година трет најстуден во изминатите десет години.