Прва авторизирана биографија на Дарко Панчев
Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев ќе биде промовирана на 25 септември (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Долгоочекуваната книга, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, е издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Промотори на книгата ќе бидат Љубомир Кекеновски и поранешниот фудбалер и соиграч на Панчев, Васил Рингов, а модератор ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па до европската фудбалска авантура. Во книгата се открива за животот на Панчев и надвор од зелениот терен…
– Македонската Кобра, како што го знаат нашиот Дарко Панчев лаиците и оние поупатените, го разбранува фудбалскиот свет во своето време и на величествен начин – од Вардар преку Црвена звезда – во 1991 година стигна до титулата прв стрелец на Европа, освојувајќи ја „златната копачка“ на популарниот „Екип“ и на брендот за спортска опрема „Адидас“. Со 34 постигнати гола и со освоените титули со Звезда – европски и светски клупски првак, „сребрена топка“ во изборот на реномираниот француски спортски весник „Франс фудбал“ за втор најдобар играч во Европа, иако според мнозинството од фудбалскиот свет ја заслужил „златната топка“ – Панчев стана една од најинтересните фудбалски појави, не само на Стариот Континент туку и во светот – вели Михајлов во книгата.
Во книгата има избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот. Публикацијата е збогатена и со искази за Панчев од челниците и легендите на Звезда, од неговите соиграчи, современици, претставници од спортската и од научната фела.
Најславниот и најуспешен фудбалер на Македонија, Дарко Панчев, со своите голгетерски способности и вродениот рефлекс за скротување на топката во шеснаесетникот, го добива прекарот Кобра, како што е познат и до денес во фудбалскиот свет. Ова е трета книга на неуморниот спортски новинар и коментатор Зоран Михајлов (р. 1945 година), по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ (издание на „Арс либрис“) и монографијата за борачот Шабан Сејдиу (коавтор). Во својата 60-годишна кариера присуствувал на најголемите спортски случувања, меѓу кои и на рекордни 15 олимпијади, и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.
– Оваа биографија, која ја подготвував со задоволство, буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, кои ќе останат како документ за една знаменита македонска личност. Тој беше вистински афирматор на својата земја, затоа што преку него и неговите постигнувања многу луѓе во светот дознаа за Македонија. И до денес, Панчев е единствениот Македонец што успеал да освои две високи индивидуални признанија во својот спорт, „златната копачка“ и „сребрената топка“ – во изборот за најдобар фудбалер на Европа. Затоа, името Дарко Панчев е врежано со златни букви во нашата фудбалска и национална историја – вели авторот на книгата.