Патолошкото лажење се дефинира како лажење без конкретна цел, без очигледна корист и често е штетно за самиот говорник. Во иднина може да добие соодветна дефиниција и третман. Човек што има проблеми со патолошкото лажење секојдневно кажува лаги, во големи количества и многу убедливо, како да ја кажува чистата вистина.
Се смета дека патолошкото лажење не е под влијание на свеста, бидејќи најчесто се одвива неконтролирано и импулсивно. Луѓето што имаат проблеми со патолошкото лажење веруваат во сопствените лаги како да се вистински и често не признаваат дека имаат проблем.
Иако гледано однадвор, ваквото лажење може да ја доведе личноста во непријатна ситуација кога луѓето ќе дознаат дека постојано лаже, се чини дека импулсот за лажење има функција да ја претстави личноста во најдобро можно светло барем за некое време и да ја зголеми нивната инаку многу ниска самодоверба.
– Во иднина, патолошкото лажење може да се третира како ментално растројство – тврди Тимоти Левин, претседател на Одделот за комуникациски студии на универзитетот „Алабама“ во Бирмингем.
Во 2016 година, тој започна да пишува книга за измамите и лагите, а потоа сакаше да вклучи поглавје за една од нејзините најекстремни форми: патолошкото лажење. Како совршен пример за тоа, тој го наведе Џорџ Сантос, американскиот конгресмен за кого цела Америка деновиве се шегува.
Имено, луѓето сега се прашуваат дали навистина тоа е неговото вистинско име. Сантос ја фабрикуваше целата своја биографија во кампањата и како геј републиканец, чии предци го преживеаја холокаустот беше избран во Њујорк за конгресмен. Пред четири години, Сантос јавно се претстави како „Ентони Деволдер“, комбинација од неговото средно име и моминското презиме на неговата мајка.
Тоа е само една нишка во мрежата измами што ги прават протагонистите на филмовите „Фати ме ако можеш“, „Талентираниот г. Рипли“ и „Пинокио“ за да изгледаат искрено колку што е долг денот, пишува иронично „Гардијан“.
Ова е приказна што им даде на професионалците што го проучуваат лажењето во неговите најекстремни форми редок момент да ја издигнат свеста за лажењето како ментално растројство, за кое тие велат дека во голема мера било игнорирано од лекарите и терапевтите.
– Ретко е да се најде јавна личност што толку често лаже на толку проверливи начини – вели Кристијан Харт, психолог што раководи со Лабораторијата за човечка измама на Универзитетот во Тексас.
Психијатрите го препознаа патолошкото лажење како ментална болест од доцните 1800-ти години, но експертите велат дека тоа никогаш не добило сериозно внимание, финансирање или соодветно проучување. Тоа нема своја дијагноза во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања. Наместо тоа, е препознаена како карактеристика на други дијагнози, како што се нарушувања на личноста, но тоа може да се промени во иднина.