На украинскиот претседател Володимир Зеленски втора година едноподруго не му беше исполнета желбата да се обрати на доделувањето на „оскарите“, а со тоа и кон милионската публика што ја следи манифестацијата, бидејќи Академијата за филмски уметности и науки претпочита да се држи настрана од политиката, пишува „Политико“.
Од друга страна, остварувањето „Навални“, во кое се зборува за труењето и затворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, го доби „оскарот“ за најдобар документарец, во конкуренција на „Куќа од иверка“ реализирана во украинска копродукција, што го зголеми незадоволството во Украина.
– Сакавме да им дадеме малку радост на Украинците во овие тешки времиња. Требаше да победиме, не само бидејќи сме од Украина, туку бидејќи документарецот има длабока порака и вредност, талентирано е режиран од Данецот Симон Леренг Вилмонт, а направен е и од кул тим – истакна вториот режисер на „Куќа од иверка“, Азад Сафаров, во соопштение.
Режисерот на „Навални“, Даниел Рохер, при обраќањето по примање на статуетката, остро го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин, поради, како што истакна, „неправедната војна на агресија врз Украина“. А на „оскарите“ се обрати и сопругата на Навални, Јулија, која истакна дека сонува за денот кога нејзината држава ќе биде слободна.
Украинците, пак, беа разочарани и правеа шеги на сметка на семејството Навални и позирањето на неговиот тим во Лос Анџелес.
– „Навални“ го заслужи „оскарот“ бидејќи многу добро глумеше лик од руската опозиција – напиша украинскиот комичар Антон Тимошенко на социјалните мрежи.
Украинците не ја забораваат изјавата на Навални во која кажа оти „Крим не е сендвич за да се подава напред и назад“, како ниту неговото учество на пронационалните маршеви во Русија пред околу 20 години. Но, минатиот месец, Навални преку Твитер истакна дека Русија треба да ги почитува меѓународно признаените граници на Украина.
– Ако „оскарите“ се надвор од политиката, како треба ние да го сфатиме документарниот манифест на Навални низ кој преовладува внатрешната руска политика. Ако „оскарите“ треба да се гледаат надвор од контекстот на војната во Украина и масовниот геноцид на Украинците, зошто постојано зборуваме за хуманизам и правда – напиша на Твитер, Михаило Подолјак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски се обидел да издејствува да се обрати преку видеоповик на доделувањето на „оскарите“, но барањето било одбиено. Украинскиот претседател минатата година на овој начин се обрати за време на наградите „греми“, „златните глобуси“, како и на филмските фестивали во Кан и во Берлин.