Според германскиот портал „Травелсиркс“
Германскиот туристички портал „Травелсиркс“ секоја година анализира 120 скијачки центри во Европа, а резултатите за 2021 година покажуваат дека седум од единаесетте најдобри се наоѓаат на Алпите, додека најевтини аранжмани нудат Македонија и Украина.
Големи делови од Европа се претвораат во вистинска зимска магија во постудените месеци, а планините покриени со снег привлекуваат илјадници љубители на снегот, во над 3.600 скијачки региони секоја година.
Поради големиот интерес, германскиот портал „Травелсиркс“ ги анализираше 120-те најголеми скијачки области во 30 европски земји, од Португалија до Русија и од Норвешка до Грција и меѓусебно ги спореди. Истражувањето опфати прашања, како на пример каде добиваат скијачите најмногу содржини за нивните пари, но и која скијачка патека е најфотогенична.
Најевтиниот скијачки одмор за зимата 2021/2022 г. е во Страја, Романија. За 40 евра дневно со хотел, ски-карта и опрема, понудата од оваа земја беше оценета најдобро. Покрај овој романски ски-центар, има уште четири во Европа каде што ски-одмор чини помалку од 50 евра дневно. Со 46 и 47 евра дневно и скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово и Попова Шапка во Македонија се мошне евтини во однос на конкуренцијата.
Украина има два скијачки центри во категоријата „под 50 евра“: Висок Врв – Захар Беркут (48 евра дневно) и планината Тројстан (49 евра на ден).
Апсолутен фаворит за најфотогенична локација е Матерхорн, кој се наоѓа на границата на Италија и Швајцарија. Волшебната скијачка област Зермат-Матерхорн може да се пофали со неверојатни 846.327 објави на Инстаграм.
Во првите пет фаворити на Инстаграм се Буковел во Украина со 489 илјади објави, Аре во Шведска со импресивни 460.541 објава, Руската Роза Кутор и 4 Валеис во Швајцарија.
Според германскиот портал, седум од единаесетте најдобри скијачки области во Европа се наоѓаат на Алпите, а листата ги вклучува следните локации: Ски Арлберг (Австрија), Буковел (Украина), Матерхорн (Италија), Мадона ди Кампиљо (Италија), Рука (Финска), Лес Портес ду Солеил (Швајцарија), Аре (Шведска), 4 Валеис (Швајцарија), Виа Латеа (Франција), Лес Портес ду Солеил (Франција) и Зилиец (Полска).