Коралите низ светот сè повеќе бледнеат, а научниците предвидуваат дека ситуацијата најверојатно ќе се влоши, нарекувајќи ја разорна криза. Според експертите, зголемените температури на океаните, предизвикани од глобалното затоплување и од природниот феномен наречен Ел нињо, предизвикуваат избелување на коралите, кои често умираат.
Избелувањето на коралите првпат беше забележано во Гуам пред повеќе од една година, потоа на Хаваи, а ширењето на остатокот од Тихи Океан и во Индиски Океан, сега ги погоди Флорида и Карибите.
– Ниту еден корален гребен не беше поштеден, иако некои области, како Хаваи, беа повеќе погодени од феноменот од другите. Прекумерната топлина им се заканува на коралите, поради што тие бледнеат и стануваат подложни на болести – велат научниците.
Американската национална океанска и атмосферска администрација (НОАА) објави дека постои можност оваа година да исчезнат меѓу 10 и 20 отсто од коралните гребени. Претставникот на НОАА, Марк Икин е особено загрижен за Хаваите.
– Хаваите беа погодени од најлошото избелување на коралите досега – рече Икин, опишувајќи го феноменот како „тежок и обемен“.
Според него, коралниот гребен во близината на северозападниот дел на островот е „целосно избелен“. Икин додаде дека ова не е проблем само за нуркачите и рибите и потсети дека коралните гребени се од светско значење.
– Коралните гребени ги штитат крајбрежјата, придонесуваат за развој на туризмот и обезбедуваат храна за 500 милиони луѓе низ светот – потсети Икин.