Речиси половина од училиштата и болниците во европските градови се лоцирани на урбани „топлински острови“, изложувајќи ги ранливите популации на температури опасни по здравјето како што се влошуваат влијанијата од климатските промени, соопшти Агенцијата за животна средина на Европската Унија.

Во соопштението се наведува дека околу 46 отсто од болниците и 43 отсто од училиштата се наоѓаат во области што се најмалку два Целзиусови степена потопли од регионалниот просек, што поттикнува посилни влијанија од топлотните бранови отколку во руралните области, пренесува „Ројтерс“.

Причина за ефектот на урбаниот топлински остров се густо збиените групи згради и инфраструктура, како што се патиштата, кои апсорбираат и задржуваат повеќе топлина од зелените површини.
– Тоа е нешто што ќе има сериозни последици по здравјето на луѓето – изјави претставникот на ЕЕА, Блаж Курник.

Климатските промени, поттикнати од индустријата што продолжува да согорува фосилни горива, ги прават топлотните бранови поинтензивни и почести, тренд што, во комбинација со урбаните топлински острови, носи ризици, вклучувајќи и зголемена смртност од топлотен удар за ранливите популации, како што се постарите лица.
– Ранливоста во Европа расте поради стареењето на населението и погустите градови. Ова е нешто што во комбинација со топлотните бранови ќе стане голем ризик за општеството во иднина – вели Курник.

Феноменот веќе е забележан при екстремни температури. Европската агенција за животна средина ги повика владите да воведат мерки за намалување на ефектот на топлинскиот остров во градовите, како што е воведување повеќе разладни зелени и водни површини. Некои веќе работат на тоа, како програмата на градот Париз да трансформира десет пилот-училишта во поладни, позелени простори, со фонтани и растенија отпорни на суша.

Исто така беше најавено дека сите земји на ЕУ во моментов имаат некаква форма на стратегија за приспособување на климатските промени, но дека повеќето допрва треба да ги претворат во конкретни акции.