Секогаш е совршено време да побарате помош од пријател или од стручно лице, кое може да ви понуди здрави механизми за соочување и помош како да ги совладате непријатните чувства периодов. Гледајте на сѐ околу вас од посветлата страна, бидејќи не сте сами и овој пролетен „блуз“ нема да трае вечно

Кога ќе помислиме на сезонската депресија, лошите емоционални состојби ги поврзуваме со студено и сиво време. Меѓутоа, во практиката се покажа дека анксиозноста и депресијата, сепак, кулминираат во пролетните месеци, особено во април, што е изненадување бидејќи зимата обично ја поврзуваме со нерасположение и меланхолија, а не пролетта. Анксиозноста, како по некое правило, ја доживуваме во периодот на менување на временските услови. Повеќето луѓе во извесна мера се плашат од промени, така што секоја промена, а особено климатска, носи одредено ниво анксиозност. Немаме контрола над временските услови и кога ќе дојде до неизбежните промени во природата се чувствуваме изгубено и депресивно. Алергените и токсините во воздухот можат дополнително да ја влошат состојбата со анксиозноста и така да влијаат на вашата здравствена состојба.

Генерално чистење
Добрата организација ослободува од стрес и штеди време, а самиот чин на чистење дејствува терапевтски. Кога ќе го средите просторот во кој живеете, го средувате и умот. Неуредните простории нѐ прават напнати, па елиминацијата на тој вид стрес од секојдневието би можела во голема мера да ни помогне да си го подобриме расположението.

Физичка активност
Истражувањата покажуваат дека луѓето што вежбаат се поведри од оние што воопшто не го практикуваат тоа. Дури и вежбањето еднаш неделно или само 10 минути дневно предизвикува позитивна разлика во расположението. Физички активните луѓе имаат помали шанси да развијат депресија или анксиозност.

Поминете време на отворено
Ако чувствувате анксиозност или стрес поради промена на времето, натерајте се себеси да излезете надвор и да добиете малку витамин Д од сончевата светлина. Тоа, пак, ќе го зголеми нивото на серотонини, чии резерви се исцрпени по долгите зимски месеци со слаби сончеви зраци. Прошетајте попладне или пронајдете место на отворено за лесен ручек. Дури и самата промена на пејзажот ќе ви го поправи расположението, а пролетното ветре и сонцето можат да направат чуда.

Најдете време за опуштање
Прочитајте книга, почнете да пишувате дневник, слушајте музика, бидете креативни… Менталната и креативната стимулација се многу важни за одржување на енергијата на високо ниво, бидејќи пролетната меланхолија бара третмани за релаксација, кои најдобро можете сами да си ги дозволите.

Подобрете ја исхраната
Пролетната меланхолија е присутна кога нашето тело има проблеми да се приспособи на промените на временските услови поради недоволното внесување свежо овошје и витамини во текот на зимата. Оваа привремена состојба доведува до бавни или ослабнати движења, губење на мускулната маса и недостиг од енергија. Затоа дајте му го на своето тело неопходниот поттик, така што слатката и мрсна зимска храна ќе ја замените со поздрави алтернативи. Со добар баланс на немасни протеини, овошје и зеленчук, цели жита и соодветни витамини и минерали, можете да направите огромна разлика.

Бидете отворени за разговор
Секогаш е совршено време да побарате помош од пријател или од стручно лице, кое може да ви понуди здрави механизми за соочување и помош како да ги совладате сите непријатните чувства периодов. Гледајте на сѐ околу вас од посветлата страна, бидејќи не сте сами и овој пролетен „блуз“ нема да трае вечно.