Целовечерна прослава на дископринципот со настапи во живо на Македонка, Пепи и Шабан, Тодор Караколев, музичка селекција на Јоана Ристеска и Стефан Алијевиќ, заокружени со „Ненаситен дисколаж“ – интервенција во просторот на колективот „Партизанска штампа“, ќе се одржи вечерва во „Котур“.
– Како и многу други приказни за потеклото и оваа започнува со среќен инцидент. Во октомври 1959 година, поранешниот ресторан „Скоч клаб“ во Ахен, Северна Рајна Вестфалија, се трансформира во сала за игранки. Газдата штедел на бендови и решил да користи плочи. Младиот Клаус Куирини, подоцна диџеј Хајнрих, го зачнува она што потоа во светот стана познато како „диско“. Дискоерата влијаеше како култура за формирање идентитет, како израз на движења за општествено ослободување, музички иновации и на танцова извонредност. Таа имаше влијание врз модата, внатрешниот дизајн и воопшто врз целоснaта култура на живеење. Цели 65 години подоцна, не сакаме само да се сеќаваме на тоа, туку и да покажеме како сцената денес се однесува кон феноменот „диско како принцип“ – велат организаторите на настанот.
Во програмата настапува Тодор Караколев, песнописец и електронски продуцент, кој создава емотивно набиена музика со духовити и општествено свесни текстови.
Александар Ордев и Максимилијан Сарајлија (Пепи и Шабан) припаѓаат на две различни генерации електронски гикови и истражувачи на звук, поврзани преку нивните заеднички опсесии во (не)променливиот град Скопје. Македонка е нов глас со архаично ехо. Со провокативна лирика разлеана врз хипнотички електронски битови, таа ги истражува темите на политиката, идентитетот и сексуалноста. „Ненаситен дисколаж“ е интервенција во просторот. Бунтовната колажна уметност го рефлектира субверзивниот и разигран дух на дискоклубот, предизвикува норми и ја слави индивидуалноста преку колективно задоволство.