Црква е ѕидана со камен, со уникатност во обработката на материјалот и украсување со плитки земјишни облици на самата површина. Фрескоживописот е дело на Јосиф Радев, ученик на познатиот Дичо Зограф. Црквата била украсена со 90 икони и фрески, кои биле сликани 26 години. На црквата се изградени три куполи, кои се на силен удар на временските непогоди

Знаменитостите на Македонија

Црква „Св. Преображение“, позната и како „Св. Сотир“, е главна црква во битолското село Гопеш. Според верувањата на жителите на селото, финансиски средства за изградба на црквата се собирале од сите гопешани, вклучувајќи и од страна на оние што биле на печалба надвор од Македонија. Се верува дека најревносен во собирањето пари за изградба на црквата бил попот Наум, кој од Украина и Романија се вратил со две торби полни со наполеони, но османлиските власти го уапсиле мислејќи дека со парите ќе купува оружје за комитите. Според традицијата, селото застанало во заштита на попот, по што битолскиот валија го ослободил. Тогаш биле удрени темелите на црквата „Свето Преображение Христово“, позната и како „Св. Сотир“, бидејќи и двата христијански празника се празнуваат во ист ден, односно на 19 август.
Според записот од фасадата на црквата, темелите биле поставени на 28 април 1871 година, а ја градел мајстор Kоста од кичевското село Цер. Според преданијата и верувањата на жителите на селото, при изградбата помагале сите, а бидејќи немало соодветен материјал во близината, три илјади луѓе направиле повеќекилометарски жив синџир до месноста наречена Дванаесет Kладенци и го пренеле потребниот камен предавајќи го од рака на рака.

Црква „Св. Преображение“ е ѕидана со камен, со уникатност во обработката на материјалот и украсување со плитки земјишни облици на самата површина. Фрескоживописот е дело на Јосиф Радев, ученик на познатиот Дичо Зограф. Црквата била украсена со 90 икони и фрески, кои биле сликани 26 години. На црквата се изградени три куполи, кои се на силен удар на временските непогоди.
Во текот на 2017 година, Заводот и музеј од Битола спровеле санација на куполата и ѕидното сликарство на куполата во црквата. Куполата е на висина од 16 до 18 метри. Освен врз куполата, имало интервенции и кон јужниот ѕид на црквата, кој се оштетува поради лизгање на земјиштето.
И покрај интервенциите, сѐ уште постои накривување на јужниот ѕид, оштетувања на куполите, како и одвојување на фрескоживописот од полукружниот свод. Особено е загрижувачка состојбата на јужниот масивен ѕид изработен од камен, кој со годините е отстранет во горниот дел за околу еден метар. Д.Ст.

 


Гопеш – село во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Битола

Се верува дека селото Гопеш е основано од Власи од Москополе, а според едно друго предание селото постоело и претходно, но не на денешната локација туку кон езерото Стрежево, каде што седум браќа подигнале населба со седум куќи и црква посветена на „Св. Никола“. Поради местоположбата, односно во близината на патот кон Битола и Ресен, во 19 век Гопеш многу брзо се развило во богато село, а неговите жители се занимавале со занаетчиство и трговија. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, во селото Гопеш имало 2.460 жители, сите Власи христијани. Според податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев, во 1905 година во Гопеш имало 2.400 жители. Во 1911 година, браќата Манаки го снимиле филмот „Романска делегација во посета на Гопеш“, при што се забележани пристигнувањето и пречекот на делегацијата во селото.