Што има заедничко градот во источна Украина, разорен во војната, со американската метропола? Речиси ништо. Нема облакодери, жолто такси, ниту светски познати музеи. Но тоа не ги спречува жителите на градот Новгород, близу Доњецк, да бараат промена на името во Њујорк. Парламентарниот комитет ја одобри промената, но предлогот сега мора да се најде пред пратениците да одлучат за неговата судбина.
Новгород е основан од германски доселеници и првпат се појави на мапата во 1846 година под името Њујорк. Од само неколку куќи, тој порасна и стана центар на неколку германски населби. За доселениците се вели дека биле многу религиозни и живееле изолирани од другите. Имале свои училишта и за брзо време станале богати, произведувајќи храна и земјоделски машини. Германците почнале да ја напуштаат Украина прво по Руската револуција, а потоа за време на Втората светска војна, кога биле протерани од Советите. За време на повоениот период и почетокот на Студената војна, градот го сменил името. Њујорк станал Новгород во 1951 година.

Локалните жители сметаат дека името е променето поради политичката ситуација за време на Студената војна. Новгород стана просперитетен индустриски град и продолжил да расте, сѐ до распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти. Триесет години подоцна, градот е во катастрофална состојба, индустријата пропадна, а градот е блиску до фронтот. Околу 13.000 луѓе загинаа во војната во Украина. Локалните жители паметат подобри времиња. Тие порано произведувале автомобили, плочки и хартија во нивните фабрики. Многумина го напуштиле градот бегајќи од војната, а во моментов работи само една фабрика. Сепак, тие се надеваат дека со промена на името на градот, ќе се промени и нивната реалност.
Страшната судбина на Новгород ја делат и многу други градови во областа Донбас. Поради конфликтот, тие го изгубија пристапот до рускиот пазар и големите центри во регионот, како Доњецк и Хорливка, кои во моментот се окупирани од сепаратисти со помош на Русија. Градот Хорливка е оддалечен само пет километри. Зошто локалното население сака да го смени името во Њујорк? Тие се надеваат дека тоа ќе им даде нов почеток и ќе им помогне да привлечат туристи. Главната улица се вика Гартенстраже и сѐ уште може да се видат стари куќи на германски имигранти, а зачувани се и неколку училишни згради. Изградбата на нов културен центар е при крај, во кој ќе се смести мал музеј со фотографии од германски имигранти и стари мапи што го покажуваат растот на градот низ годините, од само неколку жители до голем град.