Познатиот режисер Мартин Скорсезе смета дека интернет-страниците за емитување филмови и серии ја обезвреднија кинематографијата.
Во статија за списанието „Харперс“, посветена на италијанскиот режисер Федерико Фелини, тој изрази загриженост за влијанието на споменатите стриминг-сервиси, иако работел со некои од нив – Нетфликс и Епл.
Според Скорсезе, на овој начин кинематографијата систематски се девалвира, се става настрана, се омаловажува и се сведува на најмалиот заеднички именител.
Тој вели дека пред 15 години се водело сериозна дискусија за кинематографијата, а денес сè е сведено на работата на компании, т.е. луѓе што не ја познаваат уметноста. Сега секое видео се третира еднакво, без оглед дали станува збор за видео за мачки, реклама за Супербоул или серија.
Тој посочи дека споменатите платформи за стриминг се потпираат на алгоритми со кои ги информираат гледачите за новите остварувања и со кои тие исклучиво се третираат како потрошувачи. За него, тоа е индикација дека уметноста е девалвирана.
Меѓутоа, тој ги пофали страниците на Критериум и Муби.
– Не можеме да очекуваме дека бизнисот ќе се грижи за кинематографијата, како што е случајот сега. Спрема киното треба да се однесуваме како спрема уметност – вели режисерот.
Минатата година, Скорсезе ја критикуваше и филмската индустрија, велејќи дека филмовите на „Марвел“ не се кинематографија, туку повеќе личат на „тематски паркови“, пренесува „Индипендент“.