Астрономите пронајдоа потенцијални знаци на живот високо во атмосферата на  Венера, навестувајќи дека има микроби кои живеат во сулфурните облаци на „пеколната немилосрдна планета“. Астрономите дадоа неколку сценарија за тоа како би можел да постои живот на толку сурова планета каде што температурата на површината е околу 425 степени Целзиусови, а нема вода, пренесува „Тајм“.

Со помош на два телескопа на Хаваи и во Чиле, во атмосферата на Венера биле забележани знаци од фосфин, кој е составен од три атоми на водород и атом на фосфор, штетен гас што на Земјата се поврзува само со животните, се наведува во студијата која во понеделникот беше објавена во списанието „Нејчр астрономи“.

Неколкумина експерти, како и самите автори на студијата, се согласија дека ова е далеку од првиот доказ за живот на друга планета. Тие сметаат дека откритието не го задоволува стандардот според кој „ за извонредни тврдења потребни се извонредни докази“ утврден од покојниот Карл Саган, според кој шансата за живот во облаците на Венера ја произнесе во 1967 година.

Астрономите бараат живот на планети преку нивниот главен метод, односно со барање хемиски докази што можат да се создадат само со биолошки процеси, наречени биосигнатури или биопотписи. 

– Фосфинот може да се најде на дното на езерата, во цревата на некои животни како јазовците и, можеби најнепријатно место на Земјата, односно фекалиите на пингвините. Венера е пекол. Венера е еден вид на злобен близнак на Земјата. Јасно е дека нешто не е во ред и е многу погрешно со Венера. Венера на некој начин е жртва на ефектот на стаклена градина – рече еден коавтор на студијата, Дејвид Климентс, астрофизичар од Лондон вработен во Империјалниот колеџ.

На Земјата постојат само два начина на формирање на фосфин, велат авторите на студијата. Едниот е преку индустриски процес, при кој гасот беше произведен како средство за хемиско војување во Првата светска војна. Другиот начин е како дел од некаква се уште неоткриена функција кај животните и микробите. Некои научници сметаат дека е отпаден производ, додека други не.

Коавторот на студијата, Сара Сигер, рече дека истражувачите „исцрпно ја поминале секоја можност и ги исклучиле сите опции: вулкани, удари од громови, мали метеорити кои паѓале во атмосферата на Венера… ниту еден процес што го разгледале не може да произведе фосфин во доволно големи количества за да ги објасни наодите. Тоа го остава само потенцијалниот живот како одговор. 

Сигер вели дека „потенцијалниот живот“ се наоѓа на околу 50 километри над површината на Венера, во густиот слој на јаглерод диоксид, каде што температурата е слична на собна температура или малку потопла, каде што капки од сулфурна киселина, со мали количества на вода, паѓаат накај површината на планетата.

Фосфинот може да доаѓа од некаков вид на микроби, веројатно едноклеточни, кои се наоѓаат во тие капки сулфурна киселина. Кога ќе паднат на тлото, потенцијалниот живот веројатно испарува, а потоа може да се најде во друга капка и да се реанимира.

Експертите сметаат дека иако постои шанса за живот, таа е мала, а потребни се повеќе докази и наоди. 

 

Џастин Филиберто, планетарен геохемичар за Месечината од планетарниот институт во Хјустон, рече дека нивото на фосфин може да се објасни со вулканите. Неодамнешните студии кои не биле земени предвид во ова истражување сугерираат дека Венера може да има многу поголем број активни вулкани отколку што првично се сметаше. Но, Климентс рече дека тоа објаснување би имало смисла само доколку Венера има најмалку 200 пати поинтензивна вулканска активност од Земјата.

– Откритието изгледа речиси премногу добро за да биде вистина. Возбуден сум, но исто така сум и претпазлив. Најдовме охрабрувачки показател кој бара да продолжиме со истражувањата – вели Дејвид Гринспун, астробиолог кој во 1997 година објави книга во која сугерираше дека Венера може да биде потенцијална планета со живот. 

НАСА нема испратено летало на Венера од 1989 година, иако Русија, Европа и Јапонија испратија сонди. Американската вселенска агенција разгледува две можни мисии на Венера. Едната од нив, наречена „ДАВИНЧИ+“ има за цел да влезе во атмосферата на Венера во 2026 година.