Облакодер инспириран од факел – највисока зграда во Јапонија

Облакодерот висок 390 метри, инспириран од запален факел, ќе стане највисоката зграда во Јапонија. Облакодерот ќе се наоѓа над плоштадот исполнет со растенија во Токио, а исто така ќе има простор за набљудување на околината и за уживање во погледот на главниот град на Јапонија и планината Фуџи, пренесе „Си-ен-ен“.
Проектот првично беше најавен во 2016 година, а компанијата „Мицубиши естејт“ претстави нов дизајн инспириран од факел во почетокот на овој месец. Откриено е и дека облакодерот ќе се вика кулата „Торч“. Оваа структура е дел од поширокиот план за урбан развој што зафаќа површина од 31.400 квадратни метри.
Повеќето од 63-те ката на кулата ќе бидат наменети за деловни простории, но ќе има и продавници и ресторани, како и голема сала со 2.000 места.

Горниот дел од облакодерот ќе биде резервиран за хотел со околу 100 соби, а делот што изгледа како пламен ќе се користи како простор за разгледување.
Облакодерот ќе ги исполнува највисоките стандарди кога станува збор за отпорност на земјотрес, а исто така ќе понуди простор што ќе се користи како засолниште во случај на елементарна непогода. Проектот веќе започна недалеку од главната железничка станица во Токио.
Изградбата на кулата „Токвабаши“, висока 212 метри, на истата локација ќе биде завршена идната година. Во моментов, највисока зграда во Јапонија е „Абено Харукас“ во Осака, чија висина е 300 метри.