Како бонус-материјал на штотуку објавениот блуреј-диск на актерската легенда, поет, писател и музичар Раде Шербеџија, се наоѓа и парче од Македонија. Со оглед дека на Балканот сѐ уште важи старата поговорка во Македонија не пеј и не играј, Раде, како осведочен пријател на нашата земја, не ги заборави своите Македонци и во своето последно остварување.

Кон крајот на минатата година тој со својот бенд „Западни колодвор“ одржа концерт, насловен „Веќе ти раскажував“ во престижното Хрватско народно казалиште. Тој материјал „Кроација рекордс“ го објави на блуреј-диск (со 21 песна) и на цеде (17 песни). Бидејќи блуреј-форматот има повеќе простор, во бонус-делот е и снимка од последната „Златна бубамара на популарноста“. На неа Шербеџија, придружуван од Влатко Стефановски, ја исполнува антологиската „Остала си увијек иста“ од репертоарот на Мишо Ковач. Тогаш Раде ја прими интернационалната „златна бубамара“ за животно дело.

Што се однесува до самиот концерт во ХНК, тој секоја година е традиционален. И, како што вели публиката, за паметење. Особено поради тоа што токму на таа сцена Шербеџија низ децениите брилираше во многу антологиски улоги и претстави. На концертот меѓу другите, беа изведени и песните: „Време је драга, време је“, „Барбара“, „Не дај се Инес“… Сцената со него ја делеа: Влатко Стефановски, Дамир Урбан…, како и неговата ќерка Милица Шербеџија.