За да го намалат стресот
Млади луѓе, претежно студенти, во Шведска секоја вечер во 22 часот ги отвораат прозорците и силно врескаат. Овој феномен е наречен „вресок флогста“.
Студентите од местото Сернандерс Вага, во Упсала, врескаат секоја вечер, нивните колеги од Лапкарсбергет „пуштаат глас“ само во вторник, додека во Лунд врескањето почнува во 23 часот.
Многумина претпоставуваа дека се работи за култ, но причината е многу рационална – студентите викаат за да се ослободат од стресот, фрустрациите и стравовите.
Овој феномен го доби името по студентската населба, близу Упсала.
Според една раширена теорија, врескањето почнало во 1970-тите или во 1980-тите години, кога група студенти од Лунд го гледале документарецот „Исконски вресок“ и заклучиле дека бучавата им помага во исфрлањето на негативните емоции и стресот поради испитите.
Поради тоа шведскиот феномен најпрви се викал „вресокот делфи“, а дополнително е преименуван во „вресок флогста“.
Во меѓувреме, врескањето се проретчило, а овој необичен начин на самопомош повторно го вратиле во оптек група студенти во Упсала, кои сакале да соборат светски рекорд во врескање.
Тогаш гласниот ритуал се вратил на голема врата и до денес не замолкна.
Ако се најдете во Шведска во студентските делови на градовите, каде што овој феномен и денес живее – не двоумете се, па и вие врескајте на цел глас.