Обединетите Арапски Емирати со беспилотни летала ќе се обидат да поттикнат пообилни врнежи од дожд. Со оглед на тоа дека се наоѓаат во пустина, дождот во Емиратите е редок. Годишното количество дожд е многу мало. Затоа властите во оваа земја се принудени да најдат начин да обезбедат вода.
За таа цел, тие одлучија да се обидат да користат беспилотни летала. Тие се дизајнирани и конструирани така што можат да предизвикаат електрични полнежи во облаците, а со цел да се зголеми веројатноста за дожд.
Станува збор за идеја на група научници од британскиот универзитет во Ридинг од 2017 година, а леталото во моментов се тестира во близината на Дубаи.
– Имаше многу шпекулации за тоа како полнежот влијае на капките вода, но тоа е многу малку истражено – вели една од истражувачите, Кери Никол.
Крајната цел беше да се утврди дали оваа технологија може да се искористи за да предизвика пообилни дождови во делови од светот каде што врнежите се ретки.
Истражувачкиот тим во кој била Никол прво истражувал како се однесувале облаците. Откриле дека дождот, најверојатно, паѓа кога капките во облаците имаат позитивен или негативен електричен полнеж.

Никол истакнува дека големината на капките дожд е исклучително важна. Ова е особено важно во Емиратите, каде што облаците се многу високи и температурите на воздухот се многу високи. Значи, се случува капките да испарат додека паѓаат.
– Затоа се обидуваме да ги направиме капките доволно големи кога ќе почнат да паѓаат и да се одржат така додека не паднат на површината на земјата – вели Никол.
Националниот метеоролошки центар во ОАЕ обезбеди 1,5 милион долари за развој на таквите дронови, како дел од програмата насочена кон постигнување поголеми врнежи од дожд во овој дел од светот. Беспилотните летала имаат комплетен систем за автопилот и можат да летаат 40 минути. Леталото има сензори што ја мерат температурата, како и други метеоролошки услови. Инсталиран е и емитер за полнење, кој е направен во соработка со британскиот универзитет „Бат“. Дроновите беа тестирани во Велика Британија и во Финска, додека тестирањето на однесувањето на облаците беше спроведено во Дубаи. Бидејќи тимот на Никол не можеше да замине во ОАЕ поради пандемијата на ковид-19, неколку граѓани на оваа земја беа обучени да управуваат со беспилотните летала, пренесува „Си-ен-ен“. Според Фондот за заштита на природата, две третини од светската популација ќе се соочи со недостиг од вода до 2025 година. Затоа следните проекти на Никол ќе бидат посветени на тоа како да се поттикнат врнежите.