При спомнувањето на зборот „викинг“, првата асоцијација ни доловува слики на безмилосни морски воини, вооружени до заби, кои носат шлемови со рогови и напаѓаат незаштитени села во Западна Европа и Британските Острови за да силуваат, убиваат и ограбуваат. Нема сомнеж дека постојат цврсти докази и документирана историја за ваквото однесување. Овие бестрашни Скандинавци од распрсканите брегови на Норвешка, Шведска и Данска, навистина биле освојувачи на кои им нема рамни. Опстојувале за време на 300-годишното владеење на наизменичен ужас во периодот помеѓу 8 и 11 век, период што вообичаено се нарекува ера на викинзите.
Но тие биле многу повеќе од тоа.

Патем, не постојат докази дека викинзите некогаш носеле шлемови со два рога. Најголемиот дел од сознанијата за викинзите во популарната култура произлезе од „разубавувањето“ на нивниот изглед и опседнатоста со нивното насилство, кои се појавија во периодот на големата фасцинираност од нивната култура во текот на 18 и 19 век. Сепак, не може да се негира фактот дека тие биле пагани што вршеле крвави грабежи вообичаено во мирољубиви села, христијански манастири и населби, сеејќи страв во срцата на нивните потенцијални жртви. Тие во исто време биле и истражувачи, продавачи и трговци, кои оставиле свој белег во цивилизацијата каква што ја познаваме денес.

Што е тоа што ги натерало овие стари скандинавски народи да тргнуваат на патувања што ги носеле не само кон Британските Острови, Западна Европа и Медитеранот туку и кон огромната територија на Русија (по должината на нејзините главни речни текови), па дури и кон Централна Азија и Северна Америка?

Научниците претпоставуваат дека топлите зими во Северна Европа можеби придонеле за голем пораст на населението, што, пак, било голем предизвик за ограниченото обработливо земјиште на Скандинавија, кое не било доволно да ја прехранува многубројната популација.

Некои други тврдат дека привлечноста на непознатото била доволна да ги поттикне викинзите за морска авантура во нивните големи бродови, конструирани според методот на цврсти преклопени талпи. Овие бродови се покажале како возила со извонредни пловни перформанси, носејќи ги викинзите илјадници милји на отворени океани.

Походите на крајот резултирале со преселби, па викинзите се населиле во многу од истражуваните и ограбуваните земји, формирајќи села што со текот на времето растеле и станале водечки европски градови. На пример, градот Даблин во Ирска најпрвин бил викиншка населба од 9 век, која се развила во истакнат трговски центар.
Имињата на познати подрачја во современа Британија, како што се Дерби и Витби, во превод „село на елените“ и „бело село“, потекнуваат од викинзите и Скандинавија. На исток, градовите Киев и Новгород се меѓу оние што се родиле како викиншки села или населби. Археолошките записи нудат докази за обемот на викиншките истражувања.

Сребрени монети, исковани многу далеку од Северна Европа, дури во Багдад, главниот центар на трговија и размена во Месопотамија, беа најдени на гробишта во Западна Европа, заедно со фрагменти од свила и зачини што потекнуваат од Блискиот Исток.
Влијанието на викинзите врз Западна Европа беше далекосежно. Потребата за одбрана од напаѓачите го создаде системот на феудализам, кој со векови потоа доминираше во Западна Европа. Нивните наследници донесоа нова етничка групација во регионите каде што се населиле и се приспособиле.

Крволочната репутација на викинзите е целосно заслужена, а нивното извонредно влијание врз историските текови направи од нив добар материјал за научно проучување и легенди.