Помалку е повеќе на Исланд, каде што скратената работна недела има подобри резултати за работниците и работодавците, според резултатите од новите студии. За време на пандемијата на ковид-19, голем дел работници беа принудени да работат од дома, а со тоа сфатија дека е можно да се воспостави одлична рамнотежа меѓу животот и работата. Со тоа стана јасно дека воопшто не е потребно, ниту попродуктивно седењето во канцеларија осум часа на ден пет дена во неделата, а овие резултати ги потврди и од неодамнешно истражување спроведено на Исланд.
Целта на научниците им била да откријат дали скратените работни денови доведуваат до поголема продуктивност и посреќна работна сила.
Во истражувањето учествувале повеќе од 2.500 лица, на кои неделното работно време им било намалено на 36 часа, без намалување на платата. Во проектот учествувале различни работни групи. Проектот траел од 2015 до 2019 година.
Заедничката анализа објавена од здружението за одржливост и демократија „Алда“ на Исланд и центарот за истражување „Аутономи“ во Велика Британија покажа дека продуктивноста на работниците била поголема за време на четиридневната работна недела. Во истражувањето било наведено дека постојат многу придобивки, како што се помалку стрес и исцрпеност, позитивно влијание врз здравјето, работата и животот на работниците.
Истражувачите забележале дека продуктивноста и завршувањето на задачите останале исти или се подобриле кај повеќето работници.
– Истражувањата спроведени на Исланд ни покажуваат дека не само што е можно помалку да се работи во новава ера туку се можни и прогресивни промени – смета Гудмундур Д. Харалдсо, еден од авторите на студијата.
Вил Стронг, директор на истражувачкиот центар „Аутономи“, вели дека во ова истражување се покажува дека јавниот сектор е подготвен да биде пионер во пократка работна недела и може да биде пример и за другите земји.