Австралиски и индонезиски научници неодамна на ѕид на една пештера на индонезискиот остров Борнео го откриле најстариот цртеж на животно, црвено-портокалова силуета налик на бик, објави магазинот Нејчр(Nature).
Според нивната проценка, цртежот е стар најмалку 40.000 години и е нешто постар од сличните слики претходно откриени низ европските пештери, за кои стручњаците веруваа дека се првите такви творби во човечката историја.
Но, датирањето на новооткриениот цртеж на необичното животно кое потсетува на бик, заедно со другите цртежи пронајдени во Југоисточна Азија, упатуваат на тоа дека првото фигуративно сликарство, една од најзначајните иновации во човечкиот културолошки развој, постоело во исто време и во Европа и во Азија.
-Луѓето најпрво почнале со фигуративните слики на големите животни, а потоа преминале на цртежи на луѓе, појаснува коавторот на студијата Максим Ауберт, археолог и геохемичар од австралискиот Иниверзитет Грифит.