Викендов по 17-ти пат во Скопје се одржа „Моден викенд“ во националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“. Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 го отвори заедничката ревија на Роберт Ивановски и дизајнерката Евгенија Зафировска
Четиринаесет нови колекции, четиринаесет модни бренда, беа дел од седумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“, кој викендов се одржа во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје. Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 го отвори заедничката ревија на Роберт Ивановски и дизајнерката Евгенија Зафировска. Ивановски за својата најнова колекција вели дека е инспирирана од познатото дело „Градината на земните задоволства“ на Хиеронимус Бош од 16 век, кое сега е сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид.
– Тоа е модерна, урбана колекција, со отпечатоци од сликата во комбинација со црна ткаенина – додава Ивановски. За колекцијата „Архитектура во движење“, Евгенија Зафировска вели дека веќе некое време е импресионирана од архитектурата, а нејзина инспирација за оваа колекција е Кензо Танге, познатиот јапонски архитект што го обнови Скопје по земјотресот. „Кали Роуз бај Катерина Лука“ ја презентира својата авангардната колекција инспирирана од филмот „Лудиот Макс“.
– Во овие 25 женски и машки комбинации претежно се појавува црната боја, со многу кожени моменти, комбинирани со накит во сличен алтернативен стил – вели Катарина Лука. Своите креации ги претстави и Зана Алиу, која стои зад „Зана Алиу шоурум“ и колекцијата „Ред енд д спектрум“.
– На прашањето зошто во мојата колекција доминира црвената боја, одговорот е дека таа е претставување на мојот личен карактер, се сметам за феминистка, а сето ова е испреплетено и сработено со трпение, енергија, посветеност, кои се карактеристики на самата црвена боја, што асоцира на желба, страст, лубов. Тоа на целата моја колекција ѝ дава еден интензитет, динамика и женственост. Преку мојата колекција патуваме низ животот секогаш со убави тонови, тоа е мојот одговор за квалитетно живеење – објаснува Алиу. Брендот „Фингерпринт“ ја претстави, пак, својата колекција „Маседониан бјути“, која се состои од маици со 16 различни принта. Втората вечер ја отвори заедничката ревија на студентите од факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ, наречена „Текст ми“ за пролет-лето 2018, на која петнаесет студенти ги прикажаа своите креации. Потоа публиката ја виде колекцијата на „Бернасараци“ од Косово, наречена симболично „0000“.
– Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, доста лежерен став, но сепак извикува софистицираност и моќ. Да изгледаме и да се чувствуваме стилизирано во нашата кожа е мојот најважен тренд. Тоа е причината зошто колекцијата има тенденција да покаже мешавина на спортска и елегантна урбана девојка. Таа е самоуверена и нема потреба од многу труд за да ја покаже својата личност – вели дизајнерката Сарачи.
Најновата колекција на „Ателје Коцарева“, наречена „Боундлес“, е наменета за жената што дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Публиката ги виде и новите моделите на „Палада“ и колекцијата „Ел суено“. – Колекцијата, која ја работевме заедно со мојата мајка Снежана Палада, е составена од 15 креации, уникатни и рачно изработени. „Ел суено“, што од шпански се преведува како „сонот“, е произлезено од темата на самата колекција. Инспирација е Викторија Еугенија, шпанската кралица што во 1920-тите ја претставувала модата во јавноста преку своите кралски фустани со премногу детали, а сепак едноставни и безвременски – вели Алек Палада. Сара Реџиќ, која го потпишува брендот „Сари Џи“, со својата нова колекција вели дека жените се херои на секојдневието. А брендот „Јелка Брада“ од Косово ја лансира својата нова колекција „Модиш“.
Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“, која со години изработува најразлични дела, прикажа нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе. Првпат на „Моден викенд“-Скопје „Ателје Магдалена“ ги претстави креациите од колекцијата „Будење“. – Женскиот фундамент е основната точка на оваа колекција. И прва и последна. Љубов. Потребата да се биде своја, симбиоза на различностите на карактерите, слободата на украсувањето на сопственото тело раскажани во несекојдневните модели создадени од жената за жените. Контрастот на нежнотијата и силната жена споени во колекцијата „Будење“. Разбудени, среќни, полни со живот – вели Магдалена Нешковска.
Седумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“ се затвори со ревијата на Олгица Ѓоргиева и нејзината колекција „Дестинејшн“, инспирирана од книгата „Мемоарите на една гејша” од Артур Голден. – Моделите се со чиста линија, минималистички израз, на моменти материјалите се облагородени со детали или принтови. Станува збор за многу практични и комерцијални парчиња. Доминантна е белата боја во целата колекција, а од материјалите се застапени вискоза, памук, жоржет и верзии на сатени. Парчињата се лесни за комбинација, така што, во зависност од стајлингот што ќе се направи, би можеле да се носат во повеќе пригоди – вели дизајнерката Ѓоргиева.