За Елена Маркова, Норвешка претставува една од најубавите земји во светот. Тоа е местото каде што острите планински врвови се сретнуваат со еднакво суровото море и го создаваат најубавиот пејзаж кој некогаш ќе го видите. Таа со нејзиниот фотоапарат ги прикажува убавините за време на нејзината авантура во северна Норвешка.
Привлечена од природните убавини на Норвешка, скопјанката решила да отпатува во скандинавската земја и самата да се увери во преубавите смрзнати краишта на ладниот север. Таа патувала од Осло до Берген со воз. На половина од патувањето, возот застанува на станицата Финсе, за која Маркова дознала дека е железничка станица на најголема надморска височина во Норвешка. Дури и во средината на септември, овде е магично и врне обилен снег, вели скопјанката.
По пристигањето во раните утрински часови, во Берген е смрзнувачка и работи само една кафетерија, во која можете да се напиете прекрасно кафе додека да се сместите во вашиот хотел. Норвежаните не го започнуваат денот сè до 9 часот, а градот е тивок и празен.
Сонце кое повремено се забележува во Берген е ретко, но прекрасно, а понекогаш и виножита додаваат на извонредната убавина на денот. Временските услови на градот претежно се состојат од дожд, по цел ден и цела ноќ. Но не дозволувајте тоа да ве сопре во вашите авантури и да ви го расипе расположението.
Берген е втор град по големина во Норвешка, а некогаш бил главен град и центар на трговијата во северна Норвешка. Пристаништето Берген е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.
Скандинавскиот живот е релативно едноставен, Скандинавците сакаат минимализам и обожуваат естетски дизајнирани простории за живеење. Ова може да се забележи и од самата архитектура на Берген, како и во другите норвешки градови.
Маркова вели дека спротивно на стереотипите, Норвежаните воопшто не се ладен народ, туку тие не зборуваат без потреба. Тие, всушност, секогаш се фини и подготвени да помогнат. Секогаш можете да си помуабетите со нив за книгата која моментно ја читаат, бидејќи се големи љубители на литература.
Маркова топло препорачува да го посетите Берген. Авантурите на Маркова продолжуваат малку подлабоко во северна Норвешка, а нејзините патувања можете да ги следите на нејзината фејсбук-страница.