Давид Темелков го издаде својот прв албум „Дишам за нас“
Насловната „Дишам за нас“ е моја авторска песна и веќе е хит во Хрватска, има над милион и шестотини илјади прегледи на Јутјуб, вели Давид Темелков, кој се подготвува за македoнската промоција на првиот албум, што ќе се одржи кон крајот на месецов
Младиот македонски пејач Давид Темелков (27), кој веќе пет години се пробива на хрватскиот музички пазар, по неодамнешното објавување на својот прв албум „Дишем за нас“ во Хрватска, во издание на „Хит рекордс“, чиј е ексклузивец, кон крајот на месецов ќе направи промоција на македонската верзија на овој негов првенец во Скопје. Давид професионално е во музичките води од 2015 година. Завршил средно музичко и има уште неколку испити до дипломирањето на Музичката академија во Скопје, отсек соло-пеење, а неодамна во Загреб заврши и академија за музички продуцент. Негова желба е оваа година да сними албум со наши, македонски автори и, како што вели, секоја убава песна е добредојдена.
Како се одвиваат подготовките за скопската промоција на албумот „Дишам за нас“?
– Албумот, на мое големо задоволство, има две изданија, хрватско и македонско, што беше и еден од условите во договорот со дискографската куќа „Хит рекордс“. Македонската промоција ќе се случи кон крајот на февруари во „Сити хол“, (поранешен „Хард рок“). Нов простор е, убаво уреден и драго ми е што тука ќе ги соберам моите соработници, блиските и сите што ме почитуваат и поддржуваат цело ова време откако се занимавам професионално со музика. Би сакал да дојде Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше Проески, која ми помогна за загрепската промоција, на која имаше околу 400 гости, а ја проследија и сите хрватски телевизии и други медиуми. Таа рече дека последните 15 години не присуствувала на поубав настан.
Задоволен ли сте од сработеното, како звучи албумот?
– Најважно за мене е дека албумот има душа. Шаренолик е, секоја мелодија има своја приказна. Можеби не е најдобар албум, но е најискрен, затоа што пред да ја испеам јас сакам да ја почувствувам песната. Насловната „Дишам за нас“ е мое авторско дело и веќе е хит во Хрватска, иако сѐ уште нема спот. Има над милион и шестотини илјади прегледи на Јутјуб. Ги отвораат свадбите со неа, а досега имам добиено над 500 видеа од овие романтични мигови. Мошне слушана е и „Чувај ме боже“, со музика на Мирослав Рус и мој текст, за која е снимен интересен спот во Санкт Петербург и „Љубена“, исто така на Рус. Се надевам дека песните ќе им се допаднат и на македонските слушатели. Неодамна, понесен од некоја убава енергија, напишав песна за мојата Македонија. Инаку, во Хрватска настапувам со музичарите што го придружуваат Жељко Бебек, што е голема чест за мене.
Што беше пресудно првите посериозни чекори во вашата кариера да ги направите во Хрватска?
– Веќе пет години сум во Хрватска, а сѐ започна со моето учество на талент-шоуто „Икс фактор Адрија“. По завршувањето се зaпознав со Тони Цетински и со Мирослав Рус, кои ми предложија соработка. Добив мнoгу понуди од неколку издавачки куќи, меѓу кои и од „Сони мјузик“ од Лондон, но сепак, одлучив дека тоа не е за мене. Убав спомен од ова музичко шоу беше оној кога ја пеев „Feel“ од Роби Вилијамс, а таа вечер гостин беше Џејмс Артур, победник на британскиот „Икс фактор“. По изведбата, тој ми пријде и ми честиташе. Таа моја снимка ја видел Роби и ми прати негово цеде со посвета, што го чувам како нешто скапоцено. Тоа ми беше голем поттик и навестување дека нешто убаво ќе се случува во иднина. Оттогаш почнаа да се отвораат нови врати. Сметам дека секој од нас има свој пат по кој чекори. Сѐ што досега се случи ми даде поттик да успеам, еве, за почеток во Хрватска. Многу ми е мило што не остварив инстант успех, бидејќи сѐ што брзо гори, брзо се гаси.
Кажете ни нешто повеќе за соработката со Мирослав Рус?
– Тони Цетински ме однесе во просториите на „Хит рекордс“, чиј сум ексклузивец. И од првото наше видување со Мирослав Рус се случи некоја посебна хемија меѓу нас. Договорот со „Хит рекордс“ го потпишав без да го прочитам. Самиот факт дека Рус ми подари песни, бесплатно студио, многу зборува за нашиот однос, за обостраната почит. За да настанат тие мелодии, се случуваше некои денови и по 18 часа да останеме во студио. На албумот има и песна од Миро Буљан, кој е врвен автор, а соработуваше и со Тоше Проески на албумот „Игри без граници“.
Дали ви пречи кога во Хрватска ве споредуваат со Тоше?
-Првите врати во Хрватска ги отвори Тоше и секој Македонец го најави како добар човек, а секој пејач како одличен вокал, и верувам дека многу придонел и за мојот успех и за синергијата меѓу мене и Мирослав Рус, Тони Цетински, Миро Буљан и сите оние со кои соработувам.
Дали и во иднина базата ќе ви биде во Загреб?
– Би сакал мојата адреса да остане Скопје, секако, да патувам секаде каде што ќе ме насочува мојата кариера. Во Загреб ме прифатија убаво, гостувам на концерти на врвни пејачи, но, искрено, многу ми недостига Македонија, ниедна земја не е поубава. Време е тука, од каде што ми е коренот, да бидам меѓу најдобрите.
Од кого имате најголема поддршка во Загреб?
– Од мојата девојка Елена. Таа е од Пула, работи како ТВ-водителка и со неа сум веќе четири и пол години. Постојано доаѓа со мене во Македонија. Ги знае сите македонски песни, таа е поголема Македонка од сите нас. Инаку, јас не би бил тоа што сум без поддршката на моето семејство. Кај нас никој никому кусур не фаќа, нема мерење, секој секому помага. Имам и помала сестра Јана, таа не се занимава со музика, има други таленти, комуникативна е, друштвена и зрачи убава енергија.
Кое е вашето животно мото?
– Комфорната зона е најголем непријател на секој што сака да биде успешен во нешто. За мене славата е фатаморгана, илузија. Јас сакам постојано да бидам свесен за тоа. Легендарниот светски музичар Сантана вели дека без голем карактер нема голема кариера. Мојот животен предизвик е секој ден да се трудам да бидам и подобар пејач и подобар човек.