Родното Крушево се подготвува за одбележување на роденденот на Тоше Проески, нашата најголема музичка ѕвезда, со пригодна програма што ќе се одржи во спомен-куќата „Тодор Проески“, на 25 јануари, со почеток во 12 часот.
И овој 25 јануари ќе биде во знакот на реченицата „Тоше има само ден на раѓање“, велат организаторите. Во рамките на овој ден ќе се одржат неколку ликовни изложби, а во официјалната програма настапува „Уникат бенд“, како и Сара Ристеска, придружена од Габриела Аврамоска. Свои точки во спомен на Тоше ќе имаат и учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ и ООУ „Никола Карев“.
На одбележувањето на денот на раѓањето на Тоше Проески ќе се обратат претседателот на Советот на општината Крушево, Тома Петроски, и директорката на спомен-куќата „Тодор Проески“, Елена Мирчевска, кои и со полагање цвеќе ќе му оддадат почит на својот сограѓанин, кој трагично го загуби животот на 16 октомври 2006 година.
Исто така, и годинава на 25 јануари традиционално ќе се одржи и крводарителна акција. Според најавите и обожавателите на Тоше од целиот регион, со низа активности ќе се одбележи денот на неговото раѓање. Инаку, веќе почнаа градежните активности за обновување на вечното почивалиште на Проески на Гумење.