Почина Бранка Станковска (90)
Легендарната радио и телевизиска спикерка Бранка Станковска почина во четвртокот во Скопје, на 90-годишна возраст. Токму таа го најави првиот ТВ-пренос од Црн Врв, на 5 јуни 1964 година, што всушност е почеток на емитување на програмата на ТВ Скопје, преку сопствената телевизиска мрежа.
Неколку месеци подоцна, на 14 декември, Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски Весник, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.
Бранка Станковска целиот работен век, од 39 години (1948 – 1987), го помина во Македонската радио-телевизија. Нејзиниот глас сè уште се слуша на радиопрограмите, особено во популарниот џингл „Точно е 12 часот“. Беше активна и по пензионирањето, особено во обуките на млади кадри.
Ќе остане запаметена по извонредната дикција и боја на гласот, со чиј изговор многумина научија да го зборуваат македонскиот литературен јазик.
Но ќе ја паметиме и по шармот и харизмата, по фризурата „а ла Бранка“, по елегантниот изглед, по дружељубивоста… Целиот свој работен век, таа беше многу почитувана и популарна меѓу сите генерации и ќе остане запаметена како голем професионалец.