До инклузивност со соработка“ е филм што ја следи интимната приказна на Николина Новакова, ученичка со попреченост во осмо одделение во училиштето
Документарниот филм „До инклузивност со соработка“, што се снимаше во инклузивното ОУ „Св Климент Охридски“ во Охрид, премиерно ќе биде прикажан денеска во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Документарецот, во продукција на здружението „Сината птица“, поддржан од „Фондацијата отворено општество Македонија“, ја бележи иновативната инклузивна практика на училиштето, со посебен акцент на сензибилизацијата на типичните ученици за потребите и тешкотиите со кои се соочуваат нивните соученици со попреченост. Режијата на филмот е на Ана Глигорова, која е и косценарист на филмот заедно со тимот на „Сината птица“.
Филмот ја следи интимната приказна на Николина Новакова, ученичка со попреченост во осмо одделение во училиштето, надополнета со искуствата на педагогот Славица Илиќ, еден од иницијаторите и спроведувачите на концептот на сензибилизација на типичните ученици.
– Бевме позитивно изненадени кога во текот на едно наше истражување во Охрид наидовме на училиште што негува повеќедецениска инклузивна практика и претставува топла и пријателска средина за учениците со попреченост. Она што нѐ мотивираше да го направиме овој документарец е неверојатниот ентузијазам и посветеност на целиот инклузивен тим на училиштето, кој со своите напори укажува на тоа дека инклузијата на учениците со попреченост не е само законски облигаторна, туку е и жив, активен процес во кој личната иновативност, пожртвуваност и мотивираност се од огромно значење. Да се види инклузијата на дело, без речиси никаква системска поддршка, е раритет, предизвик и пример за другите училишта – вели Мимоза Петревска Георгиева, претседателка на здружението „Сината птица“.
Покрај условите, асистивната технологија, сензорната соба и другите ресурси што ги користи училишниот тим за да создаде вистински инклузивна средина за учениците со различни попречености, филмот ги документира и меѓучовечките односи на учениците со и без попреченост и напорите на целата училишна заедница да ги интегрира учениците со попреченост во донесувањето на сите важни одлуки за училиштето.
На проекцијата во Охрид ќе присуствува и ќе говори и градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, кој ќе ги претстави заложбите на општината Охрид за подобрување на процесот на инклузија на лицата со попреченост (посебно во училиштата). По проекцијата на филмот ќе следува дебата на која инклузивниот тим од ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе ги сподели своите искуства со присутните.
По проекцијата, ДВД-копии од филмот ќе им бидат поделени на претставници од основните училишта што негуваат инклузивна практика и други заинтересирани. Копии од филмот ќе бидат доставени и до Министерството за образование, Бирото за образование, Министерството за труд и социјална политика и амбасадите што го поддржуваат процесот на инклузија во образованието.