Дресура на кучињата што вклучува казнување остава краткорочни и долгорочни ефекти врз нивното психолошко здравје, покажа неодамнешно португалско истражување. Методите, како што се карање или викање на кучето за џвакање на тепихот или за лаење на ѕвончето на вратата, иако понекогаш се чинат ефикасни, може да го зголемат стресот кај животните. Научниот тим ги снимал реакциите на кучињата за време на тренингот и земал мостри плунка пред и по часовите за обука.
На снимките се видело дека кучињата изложени на казна покажале повеќе знаци на стрес, како лижење на муцката и проѕевање, а тоа ги правело понапнати. Ваквите симптоми не биле забележани кај оние кучиња што биле наградувани за време на дресурата.
Анализата на нивната плунка, пак, покажала покачено ниво на кортизол кај кучињата изложени на казна, додека не се забележало промена на нивото на кортизол кај наградуваните кучиња. Тимот исто така сакал да ги утврди и долгорочните ефекти на различните типови дресура врз кучињата со мерење на нивото на нивниот оптимизам или песимизам со брзината со која пристапуваат кон некој сад, за кој не знаат дали содржи храна или не. Кучињата што покажале оптимизам за чинијата трчале возбудено, очекувајќи дека таа ќе содржи храна како награда, додека песимистички настроените кучиња биле помалку возбудени и се движеле побавно. Тие откриле дека кучињата изложени на казна биле попесимистички.