БРЗА ЕВОЛУЦИЈА

Сѐ повеќе луѓе денес се раѓаат без умници и сѐ повеќе луѓе имаат артерија во подлактицата, која порано ја имале само неколкумина. Една нова студија објавена во „Џурнал оф анатоми“ сугерира дека станува збор за микро, брза еволуција пред нашите очи. Студијата ја спровеле научници од Австралија, кои откриле неколку промени во нашето тело, кои се случиле за релативно краток временски период. Професорката Теган Лукас, од Универзитетот во Аделаида, наведува и дека нашите лица стануваат сè помали (поради промена на нашата исхрана), а помалата вилица значи дека нема доволно простор за сите заби, па затоа луѓето сѐ повеќе се раѓаат без умници. Истражувачкиот тим исто така утврдил и зголемен број луѓе што се родени со дополнителни коски на рацете и нозете, како и со абнормални врски помеѓу две или повеќе коски во стапалата. Покрај тоа, истражувањето на д-р Лукас, спроведено заедно со професорите од Универзитетот во Аделаида, покажало „значителен пораст“ на преваленцијата на средните артерии од крајот на 19 век.

– Од 18 век, лекарите ја проучуваат преваленцијата на оваа артерија кај возрасните, а нашата студија покажува дека таа очигледно се зголемува – вели Лукас.
Преваленцијата била околу 10 проценти кај луѓето родени во средината на 1880-тите во споредба со 30 отсто кај родените кон крајот на 20 век, така што тоа е значително зголемување за мошне краток временски период кога станува збор за еволуцијата.
– Ова зголемување би можело да биде резултат на мутации на гените вклучени во средниот развој на артериите или здравствените проблеми на мајките за време на бременоста, или всушност и двете. Ако овој тренд продолжи, повеќето луѓе ќе имаат средна артерија на подлактицата до 2100 година – смета таа.
Лукас вели дека студијата покажува дека луѓето се развиваат побрзо отколку во кое било време во последните 250 години. Авторите на истражувањето сугерираат дека промените во природниот избор може да бидат главната причина за микроеволуцијата.