Манифестацијата „Инкубатор – платформа за млади уметници“, која се одржува деновиве во организација на културниот центар „Интерарт“, предводена од Матеа Мијановиќ, повторно обединува млади уметници, на кои им овозможува да се развиваат низ процес на обука и професионална продукција. Во рамките на манифестацијата се одржа работилницата со реномираната кореографка Саша Ефтимова. Таа работеше со студенти од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ на развој на современа танчарска техника.
Вечерва, во 20 часот, во МКЦ, ќе се одржи завршната вечер на манифестацијата со претставата „Шоукејс“, на која ќе се презентираат три современи кореографии, „Ремикс“ на Дејан Битровски, „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин и „Скеч“ на Адријана Данчевска. Дел од програмата ќе се изведува во живо од извонредните музичари Виктор Филиповски и Ратко Даутовски.
„Инкубатор – платформа за млади уметници“ е проект чија цел е да спои млади уметници од категориите музика, танц и визуелни уметности, кои преку креативни работилници се надградуваат. Продукцијата се презентира пред јавноста и овие млади уметници се позиционираат на културната сцена кај нас. Манифестацијата, чиј идеен творец е Матеа Мијановиќ, во организација на културниот центар „Интерарт“ за првпат се одржа во 2018 година и во изминатите шест години се одржува во континуитет, а во нејзината програма досега се опфатени околу 200 учесници.