Светска премиера на „Домаќинство за почетници“ на „Мостра“

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје, својата светска премиера ќе ја има на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција, кој ќе се одржи од 30 август до 9 септември оваа година.
„Домаќинство за почетници“ ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.
Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ беше премиерно прикажан на „Санденс“ во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ го отвори „Мелбурн интернешнал филм фестивал“. „Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а продуцентка на филмот е Марија Димитрова.
– Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што за првпат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на „Биенале колеџ синема“ во 2019 година. Во меѓувреме имавме прекрасно креативно искуство и создадовме безброј убави спомени со нашата неуморна и феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции што заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам – изјави режисерот Горан Столевски.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, ја нагласи исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција.
– Еден од најголемите амбасадори на македонската култура е македонскиот филм. Тој продолжува да ниже успеси и да биде рамо до рамо со европскиот и со светскиот филм. По многу години, Македонија лани со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција. Ако некој од јавноста или филмскиот свет помисли дека тоа беше случајност, морам да го разочарам, бидејќи оваа година македонски мнозински филм финансиран од Агенцијата за филм повторно е дел од најстариот фестивал. Ова на некој начин претставува куриозитет не само за Македонија туку и за поразвиените европски држави, две години по ред да имаат свој филм во официјалната конкуренција на Венеција. Се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филмски фестивал во светот – истакна Лазаревски.
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она што самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени, кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека постпродукцијата се работеше на релацијата Европа – Австралија, и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава. Македонски автори што работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимографка, Александара Чевреска – уметничка директорка и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителна маскерка, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнерка на звук.
Филмот дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и од Косовскиот кинематографски центар.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петте најзначајни фестивали во светот од А-категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.